Владата на сите граѓани им ги честита новогодишните и божиќни празници со апел во овој период да се почитуваат рестриктивните мерки и препораки за да се избегне зголемувањето на бројот на заболени од КОВИД-19.
Потсетува дека за периодот од 18-ти декември до 20-ти јануари постои ограничување на работното време на угостителските објекти, до 18:00 часот. Во сила е и забраната за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор, за сите граѓани, за општините, работните организации, како и забрана за работа после 21:00 часот на рестораните во хотелските објекти.
Забрането е собирање во групи (групирање) на повеќе од четири лица на јавен простор, односно паркови, јавни површини или било каде на отворен простор во текот на целиот ден.
![]()
Секој граѓанин, потенциараат од Владата, мора да носи лична заштитна опрема на лицето (прекривка на устата и носот) при излегување надвор од својот дом, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори каде се собираат повеќе лица. Остануваат активни и јасните препораки до верските заедници, да не повикуваат на масовни собири и групирања за време на претстојните верски празници.

-Според препораките, апелираме да не се излегува од дома без некоја голема потреба после 18:00 часот, за да се избегнат ризиците од формирањето групи на граѓани. Во домовите, по повод празниците и семејните прослави, да ги почитуваме и препораките кои налагаат во рамките на еден дом да нема присутни повеќе од четири лица како гости, истакнуват од Владата.
Прекршувањето на задолжителните мерки, правила, рестрикции и протоколи за спречување и заштита од коронавирусот, потсетуваат, е казниво заради загрозување на животот и здравјето на граѓаните.
-Со своето одговорно однесување да покажеме почит и благодарност и кон претставниците на министерствата, за здравство, внатрешни работи и одбрана, припадниците на Црвениот крст и Противпожарната бригада, како и на медиумските работници кои се во првите редови во борбата, справувањето со корона кризата или известувањето за неа.Да празнуваме одговорно!, порачуваат од Владата.




