Со овој закон решивме долгогодишен спор, наследен проблем, настанат во друго време, се’ со цел да не се развие гасоводниот систем и да бидеме „заробеници” само на една гасна врска и монопол, одговара премиерот Зоран Заев во интервјуто за МИА.
По долгогодишно преговарање меѓу државата и компанијата „Макпетрол“ и повеќе судски спорови за сопственоста на гасоводот изгласан е законот со кој гасоводот преминува во 100-процентна сопственост на државата. Имаше остро спротивставување на опозицијата, велат Законот е неуставен, ќе бараат од Пендаровски да не го потпише, но и ве обвинија за индиректено купување медиуми?- гласи прашањето до Заев, а неговиот одговор е:
-Со овој закон решивме долгогодишен спор, наследен проблем, настанат во друго време, се’ со цел да не се развие гасоводниот систем и да бидеме „заробеници” само на една гасна врска и монопол. Со Законот се уредува решавањето на спорот, се решија несогласувањата помеѓу страните на тој спор и тој води кон целосно окончување на постапките кои произлегле од ова прашање и дава можност за надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки. Во спротивно по судови ќе се влечкаше работата, а ќе се кочеше гасификацијата. За граѓаните, за државата е од особено значење да се задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас и токму поради тоа во член 110 од Законот за енергетика е пропишано дека сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерство за економија. Со овој закон се исполнуваат и ЕУ директивите. Затоа С. Македонија според Енергетската заедница е прогласена за лидер во реформите во енергетиката. Поради ваков начин на решавање одиме напред и тоа е во интерес на сите граѓани. Во времето на Груевски и Мицкоски струјата поскапе за 100%, а загадувањето на воздухот ги достигна највисоките вредности, а во последниве три години ја вративме евтината тарифа на струјата, цената се стабилизираше, започна гасификацијата низ целата држава, се поставуваат фотоволтаици, ветерници, сите институции се префрлаат на еколошки системи за загреавање. Старата недомаќинска енергетска политика на Мицкоски и неговиот ментор Груевски ја заменивме со нова, модерна, одржлива и еколошка македонска енергетика, вели Заев.