Претседателот на Владата Зоран Заев, во свое и во име на Владата, упати честитка по повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божик, до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски г.г. Стефан, до членовите на Синодот, до свештенството и монаштвото, како и до сите православни верници во нашата земја.
Како што се наведува во соопштението од Владата, во честитката Заев ја изразува желбата во срцата на сите верници да се всели безусловна љубов, мир, спокојство, радоста и почит во духот на празникот на радоста и надежта, кој годинава го чествуваме во посебни услови кои на светско ниво ги донесе пандемијата на КОВИД-19.
-Токму кога се соочуваме со исклучително сериозни предизвици, симболиката на најубавиот семеен празник е можност да се свртиме кон себе и кон нашите најблиски. Да ја почувствуваме топлината на семејниот дом, радоста на заедништвото и љубовта на ближните. Да ја шириме пораката Христова, која постојано не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме како личности. На празникот на новиот живот обединети околу универзалните христијански вредности и сплотени во љубов да го победиме ова зло и да продолжиме по европскиот пат, на создавањето дела и вредности достојни за паметење, пишува во писмото по повод Божик премиерот Заев.
Претседателот на Владата Заев со честитките по повод Божик апелира празничните денови да ги славиме во кругот на домот, да покажеме одговорност кон себе, кон своето семејство и кон државата со почитување на препораките за физичко растојание и за носење на заштитна опрема, за да се заштитиме себеси и здравјето на нашите ближни.
-Нека е честит и благословен големиот христијански празник – Божик! Христос се роди! Навистина се роди! Останете дома во добро здравје! Имајте среќни празнични денови меѓу своите сакани!, порачува во писмото по повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божик, претседателот на Владата Заев.