Локалните врнежи од снег во вечерните и ноќните часови ќе се прошират насекаде, а позастапени и пообилни ќе бидат во западните делови. Само во крајните југоисточни подрачја врнежите ќе бидат од дожд и снег, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.
Во поголем дел од земјава ќе се формира снежна покривка, а во западните делови позначително ќе се зголеми. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
За утре УХМР прогнозира сончево време со умерена облачност и студено. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, особено вдолж Повардарието. Кон крајот на денот ќе настапи зголемување на облачноста. Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 0, а максималната ќе достигне од -2 до 6 степени. Во Скопје температурата утре ќе биде од -4 до 3 степени.
За време на викендот и во почетокот на наредната седмица ќе преовладува претежно суво и многу студено време, со дневни температури кои во поголем дел од земјава ќе бидат под нулата. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието засилен северен ветер. Во сабота ќе има локални слаби врнежи од снег.
Според мерењата од 16 часот денеска, најмногу снег има на Попова Шапка, 31 сантиметар, а најниска температура од 0 степени во Крива Паланка.