Доцнат платите во образовниот сектор, се пожалија на прес-конференција денес претставници на Независниот синдикат за образование.
„Денеска е 18 август, а вработените во образованието сѐ уште немаат земено плата. Во понеделник е 20 август и прашање е дали на тој датум ќе ја добиеме платата. Во Законот за работен однос јасно и недвосмилено стои дека крајниот рок за исплаќање на плата е најдоцна до петнаесетти во месецот, но за жал законската регулатива не е доследно испочитувана во образованието“, изјави претседателот на Синдикатот, Томислав Гиевски.
По тој повод, Независниот синдикат бара од Министерството за образование и наука и општините да одговорат зошто се деградираат работниците во образовниот сектор. Велат дека немаат дополнителни хонорари и надоместоци, па за нив платата, за која сметаат дека ниска и под просекот, претставува единствената егзистенција.
„Непристојно е за земја која има претензии да стане членка на Европската Унија, работниците да молат да ја добијат нивната чесно заработена плата“, додаде Гиевски.