По поразот од Словенија, македонската репрезентација претрпе нов убедлив пораз во втората фаза од СП во ракомет во Египет, овојпат од селекцијата на Русија со резултат 32:20.

Имавме лош почеток на мечот, Русите фуриозно стартуваа со три погодоци во серија, а ние и после пет минути бевме без постигнат гол. Првиот го постигнавме дури во седмата минута преку Кузмановски и уште тогаш беше јасно дека прашање е само со колку голови разлика ќе загубиме.

Во 10 минута беше 5:1 за Русија, потоа 7:1, а ние вториот гол го постигнавме дури во 14 минута, што веќе беше срамно.

Противникот кој ја казнуваше секоја наша грешка и нереализиран напад, немилосрдно само ја зголемуваше својата позитива. Житников во соло акција, многу лесно ја проби нашата дефанзива за 12:6 во 21 минута. При 13:7, до паузата руската селекција успеа да постигне уште шест, а да прими само два, за 19:9 по првиот дел.

Вториот дел изгледаше малку подобар за нас, но Русите веќе го намалија притисокот чувајќи ги силите. На крај, во второто полувреме загубивме со два гола разлика, а заедно со 10-те од првото полувреме, тоа беше за вкупни 32:20 во полза за Русија. Следниот натпревар го играме со Белорусија.