За случајот „Монструм“ во овој момент е неблагодарно јас да зборувам со оглед на тоа дека предметот се наоѓа во една деликатна фаза, изјави денеска државниот јавен обвинител Љубомир Јовески на собраниската седница за пратенички прашања.
Тој потсети дека јавниот обвинител пред неколку дена ги изнесе завршните зборови, а за десетина дена, како што рече, тоа ќе го направи одбраната.
-Моето коментирање на определени докази, факти, околности во врска со конкретниот предмет може да значи влијание врз независната власт, врз судската власт, рече Јовески, одговарајќи на пратеничко прашање за случајот „Монструм“ од Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.
Во делот на прашањето зошто Обвинителството дало предлог по жалбите на обвинитетите, едноставно, како што рече, таа одлука ја носи Врховниот суд.
-Врховниот суд процени дека определени факти, околности и докази треба повторно да се изведат, на нов главен претрес, укажа на тоа и судот постапи по овие задолжителни упатства од Врховниот суд. Според тоа нема елементи и основи за никаква одговорност во конкретниот случај, рече Јовески.
Нагласи дека во овој момент е многу неблагодарно да се коментираат состојбите во предметот, додаде да се почека одбраната да ги изнесе своите завршни зборови, да ги анализира доказите.
– А тоа како Обвинителството гледа на изведените докази на главниот претрес, анализата и делот на одговорноста, и јавноста е запозната преку завршните зборови на јавните обвинители кои го застапуваат предметот, рече Јовески.
Неговата реакција доаѓа како одговор на пратеничкото прашање на пратеникот Пренџов од опозицијата. Еве пто тој посочи:
„Поигрувањето со чувствата, болката и емоциите на македонската јавност во врска со Монструм започнуваат во време на циркусот со објавување на разговори стекнати на криминален начин во мај 2015 година. Во тој период тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев изјави дека со објавување на разговори од Монструм ќе се открие една болна вистина. Две години подоцна, во 2017 година, сегашниот премиер Заев изјавува дека има докази за Монструм. За српски Курир во 2017 година вели дека за луѓето кои што се во затвор за ова дело нема никакви докази и постои сомнение дека власта е вмешана во истото. Сегашниот секретар во Владата, Мухамед Зекири во 2019 година изјавува дека случајот Монструм е монтиран и дека се апселе невини луѓе и затоа процесот се вратил назад и луѓето чекале и барале правда…
„Шеста година по ред имаме поигрување со трагичната судбина на семејствата на жртвите и поигрување со чувствата и емоциите на јавноста. Се прави лажна перцепција и манипулирање со најдлабоките чувства на народот. Зошто? За власт и моќ !“
„Затоа ова прашање не му го поставувам на премиерот Зоран Заев. Премиерите на државите во развој, кои не можат и не знаат како да му обезбедат подобар стандард на народот, прибегнуваат кон вакви манипулативни и нечесни политики. За неговата одговорност, ќе суди народот на избори. И не е трагично ако народот нема доверба во Заев, во СДСМ, во ДУИ, трагично е обвинителе, што тој Заев направил таква перцепција и кај вас во обвинителството. Трагично е што народот ја губи довербата во институциите и тоа што вие не им служите на правото, редот и правдината, туку на политиката“, истакна Љупчо Пренџов.
„Прашањето ми е следно, по кој основ Јавното обвинителство на тогашниот ВД јавен обвинител Лилјана Спасовска побара од Врховниот суд да се укине пресудата за Монструм и да се врати на повторно судење? Дали ќе покренете одговорност за Лилјана Спасовска која сега е заменик, а тогаш била ВД Јавен обвинител? На крај, г-дине Јовески, дали чувствувате лична одговорност за оваа правна лакрдија?“, заврши пратеникот од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Пренџов.