Обвинителството на крајот од судењето побара една година условна затворска казна и парична казна од 50.000 евра за поранешниот премиер Едуард Баладур (91 година), суден во Париз под сомнение за тајно финансирање на неговата претседателска кампања од 1995 година, како дел од сериозната афера Карачи, јави дописникот на МИА.
Против неговиот поранешен министер за одбрана, Франсоа Леотар (78 години), кој беше и специјален посредник на ЕУ за време на конфликтот во Македонија, јавниот обвинител побара две години затвор и парична казна од 100.000 евра, сметајќи дека тој бил „многу поинволвиран“ од Баладур во управувањето со ретрокомисиите незаконски на маргините на договорите за оружје.
Двајцата обвинети беа отсутни на рочиштето.
Аферата „Карачи“ е поврзана со атентатот од 8 мај 2002 во овој град против вработените во дирекцијата за бродоградилишта, од кои 11 вработени ги изгубија животите. Постојат сомневања дека атентатот бил предизвикан откако биле запрени исплатите на комисиите за купопродажбата на француско вооружување од Пакистан.
МИА