Србија ќе инвестира колку што е потребно во започнувањето на домашното производство на руската вакцина „Спутник V“ до крајот на годината, изјави денеска претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Вучиќ кажа дека со рускиот претседател Владимир Путин направиле првичен договор за почнување на процедурата за производство, која тој го опиша како „комплицирано и тешко“.
-Во моментов немаме производствени капацитети за „Спутник V“, но ќе ги изградиме. Не е важно колку ќе чини, ќе инвестираме во тоа, кажа Вучиќ и додаде дека целта на Србија е да произведува не само за свои потреби, но и за извоз во регионот.
Група руски експерти треба да ја посетат Србија следната недела за да разговараат за производството на вакцина „Спутник V“ до крајот на годината, наведува агенцијата и известува дека во Србија овој месец треба да пристигнат уште 200.000 дози вакцина „Спутник V“, 500.000 дози „Синофарм“, околу 90.000 дози на „Фајзер“/„БиоНТек“ и првите количества од околу 100.000 дози на вакцината „АстраЗенека“.
-Кинеската вакцина е најскапа, кажа Вучиќ, а британските медиуми додаваат дека на Србија и помагнале блиските врски со Кина, која досега инвестираше милијарди во оваа земја.
Србија, со над 530.000 вакцинирани, или 7,5 отсто од населението, е на четвртото место во светот според бројот на вакцинирани на 100 жители, зад Израел, Велика Британија и САД.
Се додава дека според програмата за вакцинација, жителите на Србија можат да избираат помеѓу „Фајзер/БиоНТек“, кинескиот „Синофарм“ и руската вакцина „Спутник V“.
Вучиќ изјави дека Србија годинава ќе потроши помеѓу 200 и 300 милиони евра за набавка на вакцини, или 0,7 отсто од БДП.