Тврдам дека нема да има предвремени парламентарни избори, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.
– Не знам јас тоа кои космонаути гледаат од Месечината и како тоа ќе се случува, но јас тврдам дека вонредни парламентарни избори нема да има, заради тоа што не носат ништо добро на државата. Впрочем и да има тие нема ништо да променат само можат да ги закочат развојните проекти, рече Заев, според кого избори треба, мора и ќе се случат во периодот 2024 кога доаѓаат редовните парламентарни избори.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со повторните барањата за предвремени избори од опозицијата, премиерот рече дека веќе го кажал својот став.
-Ќе го повторам одговорот. Земјата наша помина неколкукратно низ фази на вонредни парламентарни избори и само изгубивме од тоа односно кога се случуваат вонредните избори застанува буквално се во државата најповеќе економијата. Се случија огромни работи во државата со сериозни историски одлуки и сето тоа е заради убавата економска иднина која сакаме да ја доживеат нашите граѓани. Повисок економски стандард, повисоки плати, нови работни места, дигање на севкупниот бруто домашен производ во државата, нови инвестиции и буквално еден нов квалитет на живот. Ова мораме сите заедно да го изработиме за да го постигнеме. А може и да го прекинеме со вонредни парламентарни избори. Зошто? , праша Заев на прес-конфренцијата во Владата.
Премиерот во одговорите беше дециден дека треба да има редовни избори, но исто така потенцираше дека доколку сега има избори СДСМ и коалицијата би имале 50 пратеници.
-Избори треба да има, редовни. Ако има избори сега ние наместо 46 ќе имаме 50 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ ќе има 40 пратеници и веројатно ќе ми е полесно како претседател на Владата, но ќе изгуби државата најмалку шест месеци, рече Заев.
Според него, избори треба да има, но во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, како што има во СДСМ.
– На 21 март ќе се бира претседател, крајот на април конгрес ќе има. Веројатно тоа ќе се случи и во ВМРО –ДПМНЕ. Треба да се демократизираат и менуваат политичките партии затоа што само така ќе се модернизира државата, вели Заев.
Во однос за тврдењата за ново мнозинство во Собранието, тој кажа дека дали некој ќе оди со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски зависи од тоа во чии заложби верува.
– Дали некој ќе оди со господинот Мицкоски тоа зависи од тоа дали верува во заложбите за кои тој се залага, а тоа е блокирање, мрчење, одложување, кочење или слично и последиците и конекциите од режимот. Кој тоа од коалициските партнери на Заев верува во тоа? Нека го каже. Нема таков. Истовремено дали од неговите коалициски партнери и неговите пратеници веруваат во ваквите политики и проекти, тоа е исто така гаранција дали некој ќе помине од опозоцијата во владејачкото мнозинство. Од тоа зависат работите дали пратеници ќе се одлеат од власта во опозоцијата или од опоицијата во власта, рече Заев.
За напуштањето на советник на турската партија на Енес Ибраим на локалниот совет во Радовиш, тој рече дека секогаш е опција на партиите да размислуваат како ќе пристапат во пресрет на следни избори и оти локалните избори понекогаш давале можност сосема во договор партиите самостојно да настапуваат или да одат во коалиција.
-Досега со ТХП односно Партијата на Турците предводена г. Енес Ибраим којшто е и пратеник во Собранието на Северна Македонија сме настапувале заедно и така во иднина ќе се трудиме тоа да биде, но може да правиме и локални избори каде што сами би настапиле, а после изборно би направиле коалиции. Дали ќе ја напушти коалицијата на ниво на централна власт и парламентарно мнозинство убеден сум и сигурен сум дека тоа нема да се случи, тврди Заев.
МИА