Како тогашен претседател на државата од ниту една служба немаше информација за најава на организиран влез на толпата во Собранието на 27 април 2017 година, изјави поранешниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов сведочејќи на денешното судење за настаните во Собранието од 27 април 2017 година.
Прашан дали како поранешен претседател на државата имал информации за оневозможување на мирно примопредавање на власта на 27 април 2017 годиназ Иванов, категорично рече дека такви информации немал.
Прашан за изнесените информации за прогласување воена состојба на 27 април 2017 година, Иванов рече дека се што е поврзано со воена состојба произлегло од текст објавен во еден неделник, неколку дена претходно.
– Беа изнесени невистини и шпекулации кои потоа се пренесуваа и коментираа. Целиот текст е небулоза, затоа што Уставот е јасен. Како држава имаме строго дефинирани механизми за спречување злоупотреба на воена состојба. Тоа е школски пример на психолошка војна, за некој да преземе нешто, а вината да падне на претседателот и армијата, рече Иванов.
Прашан како тогашен претседател на државата, каков бил неговиот став за граѓанското движење „За заедничка Македонија”, Иванов рече дека тој јавно неколку пати ги поддржал, преку негови јавни излагања и соопштенија.
– Движењето „За заедничка Македонија” произлезе како одговор на т.н. „Тиранска платформа” и изјавите дека Македонија како држава не треба да постои. Преку стотици иницијативи и барања од граѓани и членови на „За заедничка Македонија” доаѓаа и продолжија да доаѓаат до кабинетот на претседателот, изјави Иванов.
Прашан дали лицето Синиша Алексовски го известувал за своите активности, Иванов рече дека освен што е усно информиран, за се има и пишани белешки.
– Советникот Синиша Алексовски кога се случија настаните на 27 април барав да се врати од службен пат. Кога се врати ми ја покажа фотографијата од Живаљевиќ и неговата комуникација за тоа што бара во Собранието, за што се покажа дека бил на барање на абасадата за да утврди дали имало и српски граѓани при упадот на Собранието, рече Иванов.
На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци, меѓу кои и Биљана Бришковска Бошковски и Цветан Трипуновски.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.
Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.