Бројот на гладни луѓе во Салвадор, Гватемала, Хондурас и Никарагва речиси четири пати повеќе се зголемил во изминатите две години, соопштија ОН во момент кога тие земји се борат против економската криза.
Новите податоци на Светската програма за храна на ОН покажуваат дека со глад се соочуваат речиси осум милиони луѓе во овие четири држави, што претставува значаен пораст во однос на 2018 година, кога тој број изнесувал 2,2 милиона.
– Економската криза поттикната од Ковид-19 резултираше со тоа храната во продавниците да не е веќе достапна за најранливите луѓе, кои претходно беа погодени и од ураганите Ета и Јота, изјави Мигуел Барето, регионален директор на Светската програма за храна за Латинска Америка и Карибите. Ураганите Ета и Јота го погодија централниот дел на Америка во ноември минатата година.
Проблемот со гладот е особено сериозен во таканаречениот сушен коридор кој минува низ Централна Америка. Во оваа област, климатските промени ги интензивираат сушите во изминатите неколку години.
Светската програма за храна на ОН соопшти дека 15 проценти од испитаниците во анкетата која се спроведе минатиот месец, изјавиле дека преземаат конкретни чекори за миграција, што е речиси двојно поголем број во споредба со 2018 година.