Министер за здравство Венко Филипче денеска изјави дека е потпишан договорот за набавка на руската вакцина „Спутник ви“, а од вчера течат и разговорите со производителот. За да се забрза набавката на вакцините се ангажирал и рускиот амбасадор во нашата држава Сергеј Александрович Баздникин, соопшти Филипче.

-Покрај разговорите за кинеската вакцина и вакцините на „Фајзер“, сега течат и преговорите и за „Спутник ви“, рече Филипче, додавајќи дека за „Синофарм“ и „Фајзер“ во тек се финалните прашања. Но, како што рече, треба да се остави малку резерва, оти досега се покажало дека производителите секогаш имаат дополнителни прашања.

И покрај најавите дека 200.000 вакцини „Синофарм“ ќе пристигнат до крајот на февруари, министерот рече оти нивното пристигнување ќе се одложи за неколку дена.

Тој информираше дека досега се вакцинирани околу 2000 здравствени работници, кои работат со ковид-пациенти.

-Завршена е вакцинацијата на вработените во здравствените установи во Скопје. Сега продолжува и во другите болници низ државата. Следуваат вработените во лабораториите, каде се дијагностицира коронавирусот, потоа ќе бидат вакцинирани матичните лекари и дел од стоматолозите на клиника. Со што ќе биде заокружена бројката од 4000 здравствени работници кои работат со ковид-пациенти, рече Филипче.