НБА развојната лига го истражува тврдењето на кошаркарот Џереми Лин дека за време на еден натпревар бил наречен „коронавирус“. Кошаркарот кој игра за Санта Круз Вориорс во развојната лига, на Фејсбук се пожали за расизмот на кој се изложени Азијците во САД.

– Уморни сме од слушање дека не се соочуваме со расизам. Уморни сме да ни го кажуваат тоа со цел само да си ги наведнеме главите и да не создаваме проблеми. Уморни сме од тоа азиските деца родени во САД да мораат да одговорат на прашањето од каде навистина потекнуваат. Луѓето се потсмеваат на обликот на нашите очи, сметајќи го нашиот изглед „егзотичен“. Да се ​​биде азиски Американец не значи дека не се соочуваме со сиромаштија и расизам. Па дури и Азиец како мене со девет години искуство во НБА не е имун на теренот да се нарекува „коронавирус“, напиша Лин.

Кошаркарот не прецизираше кога и каде точно бил наречен така. Сè уште не е утврдено дали овој инцидент се случил во меурот на Лигата за развој во Орландо.