Еврокомесарот за проширување на Европската унија, Оливер Вархеји, од Економскиот форум што се одржува во Тирана, порача дека Македонија мора да го одржува темпото на спроведување на реформите и брзо да најде решение за прашањата со Бугарија, објави Радио Слободна Европа.
Вархеји рече дека новата методологија влијаела на нацрт преговорачките рамки за Албанија и за Македонија, и дека дискусиите продолжуваат.
Вархеји изрази надеж на што поскоро почнување на меѓувладините конференции и тоа за време на преседавањето на Португалија со ЕУ.
За Албанија се исполнети сите услови, а за Македонија важно е да најде решение со Бугарија, рече еврокомесарот.
-Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеење на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите. С. Македонија го одржува темпото на спроведување на ЕУ реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања меѓу С. Македонија и Бугарија, рече Вархеји во обраќањето.
Неговото целосно обраќање е објавено на официјалната веб страница на Европската унија.