Актуелниот светски првак Данска ќе биде без услугите на левиот бек на Фленсбург; Ласе Милер, за реванш натпреварот против македонската ракометна репрезентација в недела во Алборг, во рамки на четвртото коло во квалификациите за пласман на Европското првенство.
Како што соопшти синоќа Данската ракометна федерација, 24-годишниот Милер ќе го пропушти мечот поради повреда на коленото.
На негово место, данскиот селектор Николај Јакобсен го повика дебитантот Николај Ласо од локалниот прволигаш Алборг.
Македонските ракометари вчера го одржаа последниот тренинг во Скопје пред денешното заминување за Алборг, откако завчера го совладаа светскиот и олимписки првак со 33:29.
Во македонската репрезентација, како што претходно денеска соопшти капитенот и селектор Кирил Лазаров, за реваншот против Данска ќе отсуствува кружниот напаѓач Стојанче Стоилов, поради повреда на грбот.