Претседателката на Собранието на Меѓународен сојуз, Агапи Дика, денеска во Кривичниот суд Скопје сведочеше за нејзината улога во Меѓународниот сојуз и склучување на договори со правни лица.
Сведокот Дика, во Кривичниот суд Скопје, рече дека поврзаноста со Меѓународниот сојуз е преку Бојан Јовановски, (првообвинет, претседател на Меѓународен сојуз).
– На свечената средба што се одржа во просторите на Музејот на современа уметност, за Меѓународен сојуз, беа присутни угледни лица. Присуствуваше народниот правобранител, имаше лица од министерствата за труд и социјална политика, за внатрешни, беше пратеникот Стефан Богоев. Бојан ми кажа дека седиштето на Меѓународен сојуз, ќе биде во близина на Кривичен суд Скопје. На второ Собрание се склучија договори со ,,Дрим билдинг” и ,,Пелистер”. Проектите беа прекрасни. Верував во тие проекти. Меѓународен сојуз тука беше за менаџирање со овие проекти, рече сведокот Дика.
Таа воедно истакна дека за износот на договорите разбрала подоцна, односно по некое време барала да поднесе оставка од функцијата претседател на Собранието на Меѓународен сојуз.
Во судницата е и бизнисменот Јордан Камчев, кој е спроведен од Истражниот затвор во Шуто Оризари каде што издржува 30-дневен притвор. Тој на денешното рочиште треба да даде исказ во својство на сведок.
Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, (таткото на прво обвинетиот) и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“. Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, Миле Јовановски се терети за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Судењето продолжува после паузата.