И во лето и во зима, наутро и навечер, единствениот уличен свирач во Кичево, Селаудин Абдулоски е присутен на најфреквентните места во градот. Иако свири на повеќе инструменти, а најдобро хармоника, сепак Селаудин минувачите низ Кичево ги развеселува со својот кавал, а неговиот репертоар е многу широк и не постои песна која тој не знае да ја засвири.
Со својата мајсторија буди голем интерес кај граѓаните, а не мал број жители и гости посакуваат со него и да се фотографираат. За него уличната свирка е живот и задоволство и, како што вели тој, ќе ги развеселува своите сограѓани се додека го служи здравјето.
-Како уличен свирач во родното Кичево присутен сум повеќе од три децении, а покрај во родниот град, еден подолг период како уличен свирач ги забавував жителите на Германија, пред се во најголемите градови во оваа земја. За овие три децении се сретнав со безброј луѓе и карактери, и можам да речам дека тоа ме прави многу богат човек. Секојдневните средби со луѓето за мене се повредни од какви било пари, вели Селаудин, кој може со часови да зборува за своите доживувања како уличен свирач, средбите со многу познати лица од сите делови на светот, но се пожали дека од оваа работа нешто може да заработи, но не и добро да се живее.
Потенцира дека да се биде уличен свирач е големо задоволство, но да, додава, бидам искрен од оваа работа може нешто и да се заработи, но сепак тоа не е доволно за нормален живот, бидејќи повеќето минувачи оставаат најмногу 10-20 денари.
-Моите сограѓани се дарежливи луѓе а најмногу тоа го прават кога ќе им ја погодиш песната. Поради секојдневната дружба со познати и непознати лица не го чувствувам студот во зима и жештината во лето. Јас сум роден за забава и таков ќе останам додека сум жив, порача Абдулоски.
Вели дека и покрај својот репертоар, често ги слуша и желбите на луѓето, а не мал број пати ги исполнува нивните барања.
Абдулоски посочи дека кога нема да свири, ќе се потсетува на случките и средбите доживеани во светските метрополи, како бил прифатен во странство, до неговата бескрајна трпеливост на некои минувачи постојано да им ги исполнува нивните желби.