Веќе втора година Македонија е сред здравствено-економска криза, а доколку се земе предвид растот на бројот на заболени и недостапноста на вакцини за граѓаните, неизвесно е кога ќе биде крајот на кризата и почетокот на опоравувањето, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија.

– Повеќе пати досега потенциравме дека малите и средни претпријатија немаат резерви да ја одржат ликвидноста. Пратениците имаат одговорност пред граѓаните да работат во нивен интерес, а доколку не се способни за истото секогаш можат да ги вратат мандатите. Во овој момент треба сите да се обединат околу единствениот општествен приоритет, кој значи спасување на човечки животи и обезбедување на економска активност за спасување на работните места како извор на егзистенција на граѓаните. Треба да се заборави на добивање ситни политички поени и да се размислува за животот, здравјето и егзистенцијата на граѓаните, вели Арсовска За Слободен печат.