Власта постојано ја обвинува опозицијата за тоа што нема мнозинство во Собранието на Република Македонија, не ги носи важните антикризни закони, а откако вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски предложи да се одржи таква седница, предлогот на опозицијата е квалификуван како „ултиматум“.
Владејачките партии ем немаат мнозинство, ем ги обвинуваат опозициските за „блокади на Собранието“. Тоа денеска го повтори и собранискиот спикер Талат Џафери:
-Ситуацијата не е иста, како таа минатата година, Собранието сега има 120 пратеници и не може да се запостави работењето на законодавниот дом, изјави денеска Џафери на брифингот со новинари во врска со можноста за прогласување вонредна состојба, за која, пак е потребно двотретинско мнозинство.
Џафери денеска ги брифира новинарите пред средбата со Зоран Заев, која вчера ја најави премиерот, а на која треба да присуствува и лидерот на ДУИ, Али Ахмети во насока на обидите да се одблокира работата на Собранието. За денеска е закажана седница за пратенички прашања, но не и друга, иако јавноста очекува пратениците да се изјаснат за законите поврзани со антикризните мерки.
Џафери, како што информира, за денеска нема да свика друга седница, бидејќи како што рече на брифингот, веќе е закажана седницата за пратенички прашања, која се одржува секој последен четврток во месецот.
Средбата со Заев и Ахмети се уште не е одржана, а како што кажа Џафери за нејзината содржина јавноста ќе биде дополнително информирана.
Џафери на брифингот кажа дека негова деловничка обврска е да се сретне со премиерот, а за средбата со опозицијата истакна дека не прифаќа средби со ултиматуми. Тој рече дека „лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски го дал истиот ултиматум“, кој го дал и координаторот на пратеничката група на оваа партија, Никола Мицевски во понеделникот, кога тој ги одложи на неодредено време пленарните седници, додека мнозинството не обезбеди кворум.
Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара посебна седница за антикризните закони и одлуката за продолжување на кризната состојба на северната и јужната граница.