Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во вечерашното гостување во вестите на Сител, го поздрави пријателскиот гест на Република Србија за чинот на солидарност што овозможи граѓани од нашата земја, како и соседните земји Босна, Црна Гора, Хрватска викендов да се вакцинираат во Србија.
-Тоа е за поздравување, пред неколку месеци Србија ни донираа вакцини со кои ги вакциниравме здравствените работници, секој што работи со ковид пацинети, а сега ги отвораат вратите и за другите граѓани на соседните земји и мислам дека тоа е многу добар гест. Во моментов кога е буквално борба за вакцини, апсолутно секоја вакцина треба да се искористи и не треба да се дозволи да помине рокот или да се уништи – рече Филипче.
Ниту беше прашан, а ниту објасни зошто Србија, истите вакцини, истиот персонал и истото време не го употреби за да ги потроши вакцините на своите граѓани, ако веќе и се брза заради рокот.
Министерот упати апел до нашите граѓани кои првата доза на вакцина ја примиле во Србија дека ќе имаат можност доколку одлучат ревакцината да ја примаат во нашата земја, а веќе се подготвува начин како граѓаните да влезат во нашиот здравствен систем како вакцинирани против Ковид 19.
-Јас веќе утре ќе разговарам со српскиот колега Лончар да видиме дали може да ги добиеме податоците електронски за да ги вградиме во нашиот систем. Доколку не ние веќе попладнево разговаравме да направиме еден модул на сегашниот сајт „vakcinacija“ за тие граѓани да можат да се пријават. Граѓаните секако добиле термин за ревакцина, доколку некој не може да оди во Србија, доколку некој кој сака овде да продолжи ние тоа ќе го испланираме во нашиот систем – порача Филипче.