Синот на посебната советничка на Зоран Заев, Ленче Николовска, професионално е ангажиран од страна на Фондот за иновации и развој. Ова не би било ништо скандалозно доколку мајка му не е посебна советничка на Зоран Заев во Владата на СДСМ како посебен советник за земјоделие чија плата е во бруто висина од 75.000 денари, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски и додаде:
„Прашуваме, како е можно баш децата на функционерите на СДСМ да се најквалитетни и да се вработуваат по институциите? Исто така прашуваме, колкава е висината на платата што ја добива синот на Ленче Николовска за работата што ја работи во Фондот за иновации? По кој критериум е избран баш синот на посебната советничка на Заев да биде ангажиран од државна институција и од кога е ангажиран да работи за Фондот за иновации? Ова не е прв случај во Владата на СДСМ каде што функционерите од Владата си ги вработуваат своите деца во државните институции. Ова не е прв случај каде што децата на функционерите од Владата се поспособни од било кој млад човек во нашата држава. Претходно јавноста беше запознаена со вработувањата на децата на Мирослав Грчев, Талат Џафери, Есад Рахиќ, братот на градоначалничката од Битола и многу други случаеви.“
Арсовски вели, очигледно е дека единствен критериум за вработување во СДСМ е да бидеш во блиска роднинска врска со некој од функционерите.
-Очигледно е исто така дека проектот „младинска гаранција” преку кој требаше да се вработуваат најдобрите студенти во државава, СДСМ го смени во проект „функционерска гаранција” каде што се гарантира вработување на секое дете на функционерите на СДСМ, а оние роднини коишто нема да се вработат од страна на Владата, добиваат грантови од Фондот за иновации, како на пример снаата на Цветанка Ласкова. Ова е начинот на кој СДСМ ја замислува професионализацијата на администрацијата и институциите. СДСМ мора што побрзо да си замине од власт и да ја ослободи државата од своите партиски инсталации. На крајот граѓаните и Република Македонија ќе победат, посочи Арсовски.