Страшо АНГЕЛОВСКИ
Украинската армија стана “вистинскиот штит“ на Европа и, доколку стане членка на НАТО, би ја засилила не само Украина, туку и Алијансата – изјави главниот командант на Оружените сили на Украина Руслан Хомчак, по повод 72 – годишнината на НАТО. И уште додаде дека украинската армија ќе учествува во 15 интернационални воени вежби на НАТО во странство и во 9 на сопствената територија.
Во меѓувреме, претставникот на Украина во Контакт групата за Донбас, Алексеј Арестович изјави дека воените вежби на НАТО “Defender Europe 2021“ се неопходни заради УВЕЖБУВАЊЕ ВОЈНА ПРОТИВ РУСИЈА. Според него, Алијансата веќе го започнала ангажирањето и префрлањето на силите, како и логистичката организација, а фокусот е ставен на Балканот и на Крим.
Деновиве е одржан и првиот телефонски разговор меѓу претседателот на САД Џозеф Бајден и неговиот украински колега Владимир Зеленски (разговор на двајца комичари), при што американскиот претседател потврдил дека го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина пред “руската агресија која продолжува“.
Неколку тези од ова кусо разгледување се исклучително интересни:
- Претседателот на САД, од ништо предизвикан, после тврдењето дека Путин е убиец, сега, со невидена леснотија зборува за “руска агресија која продолжува“.
- Украинската армија станала “вистински штит“ на Европа која би го засилила и НАТО. Нешто слично со изјавата на Шеќеринска за АРМ како “додадена вредност“ на Алијансата. Нешто што, доколку трагично не ја покажува немоќта на сопствениот ум, би било исклучително податливо за хумористичен скеч.
- Најопасно од се’, а исклучително важно за нас е тврдењето дека одржувањето на воените вежби на НАТО се НЕОПХОДНИ ЗА ВОЈНА ПРОТИВ РУСИЈА, што веќе треба да го загрижи секого, а посебно тврдењето дека фокусот е ставен на Балканот и на Крим. Оној кој сака ќе се сети на изјавата на поранешниот државен секретар на САД во администрацијата на Обама, Џон Кери, кој токму овие подрачја ги посочи како места низ кои се простира “линијата на огнот“.
- “Defender Europe 2021“, претставуваат најголеми воени маневри од времето на Студената војна кои треба да се одржат во мај и јуни годинава (време на најжестока пандемија со вирусот ковид-19), а планирано е да се увежбуваат одбрамбени и офанзивни акции во источна Европа и балтичките држави. Во нив, покрај Македонија, како “додадена вредност“, активно ќе учествуваат и три држави кои се’ уште не се членки на НАТО – Грузија, Молдавија и Украина, а кои го затвораат прстенот околу западниот брег на Црното Море.
А ШТО ПОРАЧА ХЕНРИ КИСИНЏЕР?
Еден од доајените и секако најзвучно име на американската надворешна политика, 97-годишниот Хенри Кисинџер, во минатонеделниот разговор со поранешниот британски министер за надворешни работи Џереми Хант, го повика Западот, а посебно САД, да се откажат од “мисионерската политика со која презедоа обврска да ги менуваат структурите на власта ширум светот како би ги направиле компатибилни на себе“. Наместо тоа, вели тој, потрбно е да се постигне “баланс на постојните сили“, бидејќи концептот на доминација на една сила води кон апокалиптично сценарио.
Кисинџер на ова укажувал уште во далечната 2007, во едно свое обраќање на студентите во Пекинг, каде констатирал дека “развојот на Кина како глобална сила е неминовен и дека ние (мисли на САД) не можеме да сториме ништо за да го спречиме тоа, но и не треба ништо да сториме за да го спречиме… Кога центарот на гравитација, вели тој, се поместува од еден регион во друг и некоја држава одеднаш стане исклучително моќна, историјата не’ учи дека конфликтот е неизбежен. Од тоа мора да се научи дека соработката е од суштинско значење“.
На крајот, тој драматично го предупредува Вашингтон: “договорете се за нов светски поредок, или ќе го втурнете светот во состојба која доведе до Првата светска војна“.
КРАЈ НА Pax Britanicca и Pax Americana
Пакс Британика претставува период на релативен мир меѓу големите сили за време на кој Британската империја стана глобална хегемонистичка сила и ја прифати улогата на “глобален полицаец“, а Пакс Американа е систем воспоставен после Втората светска војна во време на биполарни односи за поделба на влијанието со Советскиот Сојуз, нарушен на крајот на минатиот век, кога САД, со примена на сила, раст на доларот и многу други фактори, воспостави монополарен светски поредок во кој тие се “глобалниот полицаец“.
Во врска со ова, Ричард Хас, претседател на Советот за надворешни односи, ќе напише:
“Меѓународниот систем се наоѓа на историска пресвртница… Двете столетија западна доминација со светот, најпрво низ Пакс Британика, а потоа низ Пакс Американа, се ближат кон крајот. Западот не ја губи само својата материјална доминација туку и своето идеолошко влијание… Растечката Кина, со помош на борбената Русија, му упатија предизвик на западниот авторитет. Дури и ако западните демократии ја надминат својата внатрешна поларизација, го победат либерализмот и притоа доживеат економско опоравување, нема да можат да го оневозможат пристигнувањето на “новиот свет“, кој е истовремено и мултиполарен и идеолошки разновиден“
Токму заради тоа, Хас предлага “глобален концерт на главните сили“, налик на Европскиот концерт од 19 век, или, “управувачка група од водечките држави во светот, која ќе го стави под контрола идеолошкиот и геополитичкиот натпревар кој најчесто ја следи мултиполарноста“. Глобалниот концерт, според него, би имал шест членки – Кина, Европска Унија, Индија, Јапонија, Русија и САД – на кои ќе им овозможи широка слобода кога се во прашање нивните внатрешни прашања. Тие би се согласиле дека не се согласуваат по прашањата на демократијата и политичките права, овозможувајќи несогласувањата по овие прашања да не ја загрозат меѓународната соработка“.
За жал, ваквите гласови на разумот тешко допираат до ушите на новата американска администрација која покрај “увежбувањето војна со Русија и Кина“, преку Атлантскиот совет донесе и “Нацрт трансатлантски план за стратегиско спротивставување на Кина“, во кој се предвидува Европа да го понесе најголемиот товар во военото спротивставување на Русија, а САД со својата оружена сила да се фокусира на Кина.
Македонските “We are NATO“ папагали треба да го знаат сето ова, бидејќи наспроти нивното тврдење дека НАТО нема алтернатива, јасно им порачувам дека МИРОТ нема алтернатива и дека македонските мајки немаат деца за гинење низ донбаските полиња.
Да разберат дека, за жал, со бришење на се’ македонско уништуваат милениумско постоење на македонскиот народ заради членство во воена организација која треба да биде ударната тупаница на болните умови, подбуцнувачи на војни.
Уште една причина зошто час поскоро мора да заминат од власта што ја узурпираа.
(авторот е претседател на МААК)