Конкурсот за упис во средните стручни училишта е направен врз основа на потребите, утврдени во социјален дијалог меѓу училиштата, локалните самоуправи и компаниите. Тоа е едниот ефект – реален конкурс за упис во средните училишта. Вториот е дека 97 паралелки се отворени како дуални, што во превод значи дека имаме паралелка со поинтензивна праска и повеќе часови пракса во компанија, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.

Компаниите, посочи таа во гостувањето во „Економски магазин“ на Алсат телевизија, потпишаа со училиштата договор, за тие паралелки, и самите компании за прв пат се прикажани во конкурсот.

-Точно знаете и како родител и како ученик, дека во тоа училиште, таа паралелка има интензивна пракса во одредена компанија. Тоа ви дава простор да укажете на учениците и на родителите, дека тие работодавачи се подготвени понатаму, овие ученици да ги абсорбираат во своите компании по завршување на средното образование. Правиме две можности за еден ученик, ако заврши со средно образование да има директно вработување или пак подобра стартна позиција за во високото образование, укажа Царовска.

Министерството интензивно работи на воспоставување на национален модел на дуално образование.

-Тој не почнува со мојот мандат, тој е започнат пред неколку години со обиди да се воспостави систем и тој да биде практичен и препознаен од учениците. Сите 11 пилот паралелки коишто беа отворени во дуално образование, дадоа одлични резултати. Токму затоа одлучивме дека тој модел треба да се преточи во законско решение, коешто во моментов се работи и многу скоро ќе излезе на јавна дебата, но од друга страна во постојното законско решение имаме доволна ширина за да можеме да воспоставивме доволно паралелки со интензивна практична настава, во текот на втора, трета и четврта година. И феријалната пракса, но и практичната работа која треба да се работи во училиштата да биде пренесена во компании, посочи Царовска.