Во текот на ноќта повторно дојде до жестоки напади и тензии долж границата меѓу Израел и Газа, откако Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека палестинските милитанти во текот на ноќта истрелале 36 ракети кон нив, што предизвика одмазнички напади, јави ДПА.
Израелскиот одбранбен систем „Железна купола“ пресретнал шест од ракетите, јави ИДФ, додека за другите ракети се наведува дека не паднале на израелската територија, додава германската агенција.
ИДФ соопшти дека е одговорено со ракетни напади врз воените позиции на Хамас во Газа, вклучувајќи подземна инфраструктура и ракетни лансири.
Безбедносните службеници и сведоци за ДПА изјавија дека е предизвикана сериозна штета врз нападнатите цели, што биле раширени низ Појасот Газа.
Претходно ИДФ соопшти дека израелски семејства се сокриле во засолништа, бидејќи од Газа биле истрелани ракети кон јужен Израел.
Засега нема никакви информации за евентуални жртви кај двете страни, додаде ДПА.