Казахстан денеска почна имунизација против коронавирусот со сопствената вакцина Казвак, која е во трета фаза од клиничките испитувања.

Како што објави државната телевизија, 50.000 вакцини од две дози, развиени од Државниот институт за истражување на биолошката безбедност, биле дистрибуирани низ територијата на Казахстан.

Министерот за здравство Алексеј Цои ја прими првата доза од вакцината, истакнувајќи дека се чувствува „добро“ и оти Владата е во преговори со Турција за нејзино производство.

Казахстан е прва земја која почна да ја произведува руската вакцина Спутник В, досега доминантна во кампањата за имунизација против Ковид-19.

Според Цои, секој 20-ти жител во Казахстан е вакциниран од почетокот на кампањата која почна во февруари.

Над 309.000 луѓе во земјата се досега заразени со коронавирусот, а 3.570 се починати од почетокот на пандемијата.