Министерот за здравство Венко Филипче, ги потврди денешните најави дека Комисијата за заразни болести предложила попуштање на рестриктивните мерки за време на празниците, почнувајќи од среда.

– Настојуваме да се отворат сите тераси. Полицискиот час да трае од 21 часот до 5 часот наутро од 28 април. А за Велигден и за Рамазан Бајрам да нема полициски час. Во тие денови угостителските објекти да работат како и дотогаш до 20.30 часот – изјави Филипче.

Мерките сигурно ќе важат до завршување на сите празници, а потоа ќе се дискутира дали ќе има нови мерки, односно ново олабавување или повторно враќање на овие доколку се зголемат бројките. За да не дојде до тоа, како што истакна министерот е потребно одговорно празнување и почитување на мерките од страна на граѓаните.

– Секојдневно ја следиме ситуацијата, и се надеваме дека бројките ќе продолжат да паѓаат за да не се враќаме на порестриктивни мерки. Одговорноста е на граѓаните. Носењето маски и одржувањето на дистанца е клучно – порача Филипче.

Тие деноноќија пред празниците, сабота спроти недела (за Велигден) и 12-ти кон 13-ти (за Рамазан Бајрам) нема да има полициски час, а луѓето ќе можат слободно да се движат. Додека пак, кафулињата и рестораните ќе работат до 20, односно 20.30 часот.