Иако грчкиот премиер Алексис Ципрас во јуни по потпишувањето на преспанскиот договор отфрли можност за спроведување грчки референдум, сепак, тој, како што денес екслузивно дознава „Ефемерида“, „сериозно размислува за референдум за Скопје“.
Веста доаѓа во моменти кога Ципрас погоден со катастрофата во Мати, каде во пожарите загинаа речиси 100 луѓе, му опаѓа рејтингот и се подготвува за политички маневри. Првиот е реконструкција на Владата, а вториот е референдумот, кој како и тој во Македонија, би бил консултативен, односно необврзувачки.
„Ефемерида“ во анализата на оваа вест наведува дека не е прв пат на Максимос (седиштето на Владата) да го сменат мислењето. Така што реконструкцијата и референдумот се гледаат како потег да се удри врз Нова демократија, која како најголема опозициска партија има најголеми шанси да победи убедливо на следните парламентарни избори, но во исто време да се направи расцеп и кај помалите партии кои би застанале зад лидерот на НД, Киријакос Мицотакис.
Доколку на почетокот на 2019 година се спроведе тој референудм, на тој начин Ципрас ќе му испорача една „торта“ на својот коалициски партнер Панос Каменос и неговата Анел, зашто Каменос претходно кажа дека за договорот за „Северна Македонија“ ќе треба да решат Грците или на избори или на референдум. Во овој случај референдумот би ги задоволил барањата на Каменос, а тоа значи и преживување на климавата коалција Сириза-Анел.
Инаку, според грчкиот Устав, референдум и не е потребен затоа што договорот за името не задира во грчкиот највисок законски акт.