Издавањето на македонски пасоши на лица со туѓ идентитет, на мафијаши и криминалци, дури и лица поврзани со италијанската мафија и платени убијци, или случајот познат под името Двојник, односно Мафија, како што го крсти ВМРО-ДПМНЕ која и ја откри аферата, доби судски епилог за петмина обвинети кои денеска пред суд признаа вина.
Четворица добија затворски казни а еден условна казна. Десетмина од единаесет обвинети одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување. Една од обвинетите, вработена во МВР, која поради здравствени причини не беше присутна преку својот адвокат го извести судот дека и таа признава вина, а пресудата ќе ја слушне кога ќе се појави во судница. Од останатите:
Денис Баруфи – 2 години и 7 месеци
Ален Личина – 2 години и 3 месеци
Раиф Мифтари – 2 години и 3 месеци (поттикнување)
Ѓорѓи Велков – 2 години
Фарук Виља – условна казна вo траење од 6 месеци
Судијката Оља Ристова изрекувајќи ја пресуда образложи дека се работи за сторители кои како овластени лица во МВР, наместо да влеваат доверба кај граѓаните, тие го загрозиле интегритетот на системот за издавање на патни исправи.
Обвинителката Спасенка Андонова која го застапува случајот за осудените на затвор побара продолжување на притвор освен за Виља кој помина со условна.
Според обвинителството, пасошите се издавале во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 година. Им биле издадени пасоши на 214 странски државјани, лица кои се бараат со меѓународни потерници, и на еден македонски државјанин, за кој претходно министерот Оливер Спасовски посочи дека станува збор за избеганиот ексначалник на Петтата управа во УБК, Горан Грујевски.
На останатите петмина обвинети кои тврдеа дека не се виновни, ќе им се суди во одвоена постапка која ќе продолжи на 7 мај.