Здружението за култура, литература и издаваштво МАЦКОВО денеска соопшти дека Министерството за култура ја прекинало поддршката на Балканскиот поетски камп за млади „Ванчо Николески”. Во реакцијата на Здружението се вели дека и така скромната поддршка е прекината по две години и дека манифестацијата има стекнато меѓународен углед и третман.
-Во решението што од Министерството за култура е испратено до Здружението, стои дека финасирањето е прекинато поради тоа што “манифестацијата не е традиционална и не содржи опис за одржување во услови на пандемија”!?, се посочува во соопштението.
Здружението, како што се наведува, писмено ја информирало министерката Ирена Стефоска, дека манифестацијата се одржува веќе две години, дека е традиционална, дека, досега, финасиски, e помагана од самото министерство (првата година со 1000, втората со 800 евра), заедно со општините Охрид, Дебрца и Вевчани.
Манифестацијата минатото лето се одржала комбинирано во живо и виртуелно, дека свеченото отворање, со говор на градоначалникот на општина Охрид, Константин Георгиевски, е пренесувано онлајн, преку порталот Охрид Њуз, со учесници од Македонија, Албанија, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина.
-Сето тоа, како извештај, е проследено до Министерството за култура, заедно со покровителските Посланија на претседателот Стево Пендаровски и генералниот секретар на Светската академија на поезијата, при УНЕСКО, д-р Лаура Троиси, се наведува во соопштението од Здружението Мацково.
Организатор на манифестацијата „Ванчо Николески“ е Здружението за култура, литартура и издаваштво МАЦКОВО, од Охрид, всушност мештаните од селото Црвена Вода, родното место на писателот и поет Ванчо Николески, родоначалник на македонската литература за деца и млади.