Претседателот Стево Пендаровски денеска упати честитка по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј.
–Денеска, на 24 мај, ние во РС Македонија, заедно со другите народи од словенското говорно подрачје, го празнуваме делото на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј. Св. Кирил вели дека „без книга сите народи се голи“ и подложни на асимилација и исчезнување. Создавајќи ја првата пишана словенска азбука – глаголицата и преведувајќи го Светото писмо и другите црковни и световни текстови на старословенски јазик, светите браќа отворија нови просветни, духовни и културни видици за словенските народи во Европа, пишува Пендаровски.
Нагласи дека со тоа Св. Кирил и Методиј на словенските народи им го дале клучот за самоидентификација и самоопределување низ вековите. Пендаровски додаде дека бранејќи го фундаменталното право на словенските народи на свој јазик и писменост, Св. Кирил и Методиј се избориле и за достоинството на различноста како суштинска европска вредност.
-Македонскиот јазик, како и секој друг словенски јазик, е гранка од стеблото засадено од Св. Кирил и Методиј и нивните ученици, меѓу кои и Св. Климент и Св. Наум Охридски. Какви плодови ќе береме зависи од тоа колку ќе вложуваме во нашата македонска гранка од словенското јазично стебло. Тоа е наша должност кон претходните и идните генерации но и наш придонес кон европскиот културен, образовен и цивилизациски простор. Нека ни е за многу години 24 мај – Денот на сесловенските просветители!, напиша Пендаровски во честитката.