Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од Охрид порача дека неговата партија нема да поддржи отстапки кон Бугарија кои ќе бидат на шетта на националните интереси. Мицкоски истакна дека очекува кога Пендаровски ќе се врати од неговото патување, според тоа што се договориле на последната средба, да го повика на средба и да го брифира за што разговарале со Радев.
– Ако оптимизмот се должи на дополнителни национални концесии и отстапки тогаш мојата порака до Пендаровски, Заев и останатите политичари во Македонија е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати ниту една реченица која може да биде сфатена двосмислено, а која што дополнително ќе значи национални отстапки и концесии за македонскиот народ и нашата држава, рече Мицкоски.
Додаде дека неговата партија тој договор нема да го поддржува и по создавањето на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, договорот нема да биде почитуван.
– Ги предупредувам политичарите во Македонија кои заговараат договор со дополнителни национални отстапки на грбот на македонскиот народ и на македонската држава, дека ние немаме намера такви отстапки да поддржиме и веднаш по промената на власта, таквиот договор ќе биде напуштен.
Инаку, Мицкоски, денеска е на отворањето на семинарот во организација на ВМРО-ДПМНЕ и Фондацијата Конрад Аденауер, насловен како „Законодавните политики наспроти економските, политичките и општествените предизвици од 2021 година – Зајакнување на капацитетите на пратениците“ во хотел „Unique“ Охрид.
Оттаму, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали тој со вчерашната изјава дадена за последната афера во која се побарани 250 илјади евра како мито за тендер РЕК Битола, се оградува дека станува збор за Вице Заев, одговори дека можеби некој се израдувал дека е тоа така и дека ВМРО-ДПМНЕ оди чекор наназад, но вистината е дека оди два чекори нанапред.
„Не, таман работа. Јас бев тој првиот кој што пред три години зборуваше за тоа што го презентиравме како политичка партија и јас лично на тој брифинг дека компании блиски до семејството на власт, Заеви, се тие компании коишто практично пустошат во Рударско-енергетскиот комбинат Битола, го осиромашуваат ЕЛЕМ, а тоа денеска ќе предизвика поскапување на електричната енергија поради пљачката која што овие компании и ова семејство ја прават на ЕЛЕМ и генерално на државните институции. Такашто можеби малку бев ироничен и саркастичен ако некој се порадува дека ние правиме чекор назад, не напротив, ние одиме два чекора напред“, потенцираше Мицкоски.