Со одлука на претседателот на Републиката сменет е генерал-мајор Павле Арсоски од должноста командант на Командата за операции на Македонската Армија со бригадниот генерал Бесник Емини, реагира денеска Светскиот македонски конгрес (СМК)
СМК потсетува дека генерал-мајор Арсоски е меѓу ретките генерали и припадници на македонската армија кој не го користи називот Северна во името на државата Македонија.
– Бригадниот генерал Емини досега ја извршуваше должноста командант на Првата пешадиска бригада, а отсега ќе раководи со најголемата оперативна команда во Македонската армија. Бригадниот генерал Бесник Емини во текот на воената кариера извршувал повеќе командантски и штабни должности, меѓу кои и командант на Ренџерскиот баталјон, како и началник на штаб во Командата за операции, а претходната должност, командант на Првата пешадиска бриграда ја извршуваше од 2019 година, се вели во објавата од СМК на Фејсбук.
Генерал Арсоски на должноста командант на Командата за операции беше од мај 2018 година, а во понатамошниот период ќе ја извршува должноста советник на началникот на Генералштабот на македонската армија за борбена готовност и операции.
Првата пешадиска бригада е најголема единица во АРМ, која е препознатлива по досегашните стекнати искуства во мировните операции, големиот број на вежбовни активности, високите резултати од НАТО оценувањата на единиците од нејзиниот состав, справувањето со предизвиците од миграциската криза и асистенција на институциите во справување со пандемијата предизвикана од “Ковид 19“.