Норвешкиот тим Розенборг ја елиминираше Шкендија од Лига Европа, откако со 2:0 го совлада македонскиот првак на реванш натпреварот од плејоф колото за пласман во групната фаза од ова европско натпреварување.

Претходно, Розенборг ја победи Шкендија со 3:1 на првиот натпревар, кој се одигра во Норвешка.

Во првото полувреме Шкендија испушти шанса да поведе, откако Бесарт Ибраими во 20. минута не успеа да реализира пенал, кој самиот го изнуди.

Фудбалерите на Шкендија ја имаа контролата на теренот и продолжија да вршат притисок врз голот на Розенборг, но и покрај неколкуте шанси изостана резлизација.

Во вториот дел македонскиот првак во 50. минута повторно можеше со пенал да дојде до водство, но гостинскиот голман Андре Хансен беше поуспешен и од Изаир Емини.

Меѓутоа, во останатиот дел од натпреварот Розенбор ги казни грешките на македонскиот шампион и со голот на Евен Ховланд во 67-та минута стигна до водство од 0:1, а 15-тина минути подоцна Торе Региниусен реализираше за победа на гостите од 0:2.

Шкендија третпат по ред е елиминирана во оваа фаза од Лига Европа.

(МИА)