Сега аферите не траат ни цел ден. Многу од нив, произведени сабајле, до пладне се скапани. И вечерта има тазе нови. Труе депонијата од афери. Феномен се. Успеаја да ги обезвреднат дури и аферите со хиперинфлација поголема и од таа, од еден милион отсто, на боливарот во Венецуела
Социјалдемократскиот сојуз на Северна Македонија или со евро – преспанската кратенка СДССМ, манифестира особини на дете. На колку годинки не може да се одреди, во секој случај многу разгалено. Дете на кое мора да му се исполнат желбите за секакви играчки. И по секоја цена. Идентитетски играчки, играчки со историјата, играчки со државата… Накратко: тендер и задолжување за секоја желба и играчка.
Психологијата на разгалено дете е позната: Секогаш и за се, виновни се другите, а тоа е од Бога црпнато да пребарува, да малтретира и разгалено да возвраќа. И на сет глас да врисне, ако некој го допре малку понедемократски, зашто си знае дека има кој да му притекне на помош. И да му гледаат иновативно, низ прсти, низ тендери, низ грабежи… Сите домашни заштитници, а особено вујковците. И европски вујковци вршат работа, ама ако е вујче од Америка, загарантирана е протекцијата за малиот белјаџија.
Такво распекмезено дете, во секоја прилика, ќе ти плесне дека ти си арамија, ако се поставиш опозициски и му кажеш да не си игра со грантови за иновации. Ако му кажеш доста е со тендери и задолжувања за нови џипчиња, веднаш ќе врати со транспарентен плач… И одма ќе те удри по нос со она на „М“, што сега го возат, а кога го „продаваа“ вредеше многу Тамари. Сега тоа на „М“ не вреди ни една Ева. Бог да им даде покој на двете душички. Но, хуманиве продавачи на она на „М“, и најмногу на ветер и магла, некрофилски злоупотребија и деца и ги направија политички „мерки за вредност“. За да им послужат да дојдат на власт.
Таква е психологијата која секидневно ја манифестира СДССМ. Секој ден во секоја сфера афера. Енормно производство. Хиперпродукција со која направија инфлација на аферата во Македонија, поголема и од инфлацијата, од еден милион отсто, на боливарот во Венецуела. Спомнете си само колку афери се затрупани на депонијата што СДССМ ја создаде за една година. Тендери, иновации, зделки, зелки, лубеници, праски, фамилијарни бизниси, партиски вработувања… Сега аферите не траат ни цел ден, зашто многу од нив, произведени сабајле, до пладне се веќе скапани. И вечерта потиснати од тазе нови афери.
Но, штом се спомне било која афера: нерасветлени убиства, вработување снајки и специјални свекрви во специјални обвинителства, трансфер на пари од граѓаните во приватни фирми, ослободени криминалци… разгалениот СДССМ ќе ти плесне: Режимот беше крадецот, ние си работиме транспарентно! Ако му спомнеш дека милионски тендер добила фирма што вчера била смислена, одма ќе ти плесне: Режимот крадеше, ние работиме за доброто на граѓаните! Вакви примери, и многу потрагични, може да се набројуваат од сега па до референдумот. Или ако сакате и до последното прскање против комарци, со нечујните авиони, во декември. Ама џабе… Ќе ти кажат: ширите лажни вести!
А коректив нема. Исчезнаа невладините организации кои во режимот се секираа за граѓаните, сега тие се иновативни владини или еволуираа во провладини. И повеќе се секираат да не му се извалка гасеницата на багерот со крв отколку за човечкото тело пред него. На Водно. А за дрвјата и касапаната на Водно се грижат наводно, а во суштина им е преку паркобранот. И не само нив, туку на сите некогаш силни „независни интелектуалци“. Море по медиумите, па на универзитетите, море на разните институти… И сите останати индивидуални и колективни корисници на европска или соросовска социјална помош.
За разгаленото дете нема коректив и од надвор. Додека беше режимот, и шофери на конзулите катаден негодуваа за режимската партизација на државата и за други општествени белји, кои беа помали од демократскиве денес. Конзули држеа лекции, а за рибање од амбасадорите и да не стане збор. Денес сите тие како да се иселени. А разгаленото демократско дете упорно тера како што ќе му свирне вувузелата. Депонијата со афери се трупа. Таа расте, а паѓа трпението кај народот.
Уште го држат со политичко – забавниот живот со „судењата на режимот“ и со политичко – судскиот циркус со патриотите кои „станаа терористи“ затоа што пееја против „демократијата“ што со две раце гласаше за незаконски избор во парламентот. Но, се има крај. Депонијата од афери секој ден смрди и труе се повеќе. А економијата и петстотините евра просечна плата, сосе „бидипито“, не цветаат. Ни бруто, ни нето, што би рекол експертон од Данска…
И на крај, се си има свој крај. Дури и најразгалените деца еден ден мора да се соочат со казна за направените белји. Распекмезеното демократско дете, можеби ќе ја добие заслужената казна токму од учителот. И токму поради незавршената или лошо нашкрабана домашна задача. Но, ако и учителот му гледа низ прсти, сигурна казна ќе добие од народот. Ќе му ги истегне ушите, можеби уште на референдумот за Северна, а уште посигурно е дека тоа ќе се случи на првите избори, кои неминовно ќе следуваат.
Димитар Грумар