За неколку денови, пдносно од 1 јули ќе се укине роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, па трошоците за роаминг услугите меѓу земјите ќе бидат по цени како во дома.
Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ, ќе започнат со спроведување на договорот од Вториот дигитален самит од 2019 година, со кој граѓаните добија поевтин роаминг за телефонските разговори, СМС пораки и користењето интернет.
– Инспирирани од ЕУ, воспоставивме и создадовме средина каде што сите граѓани на земјите од Западен Балкан ќе можат безбедно да ги користат своите мобилни телефони за да остваруваат повици, да испраќаат пораки или да сурфаат на интернет низ сите земји во Западен Балкан без дополнителни трошоци од 1 јули, рече министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири кој беше на состанокот организиран од Советот за регионална соработка (RCC), „Heading towards Roaming Free Western Balkans”.
Тој нагласи дека ова е само почеток, додавајќи дека важноста на овој договор е исклучително голема и е предуслов да се започне процесот за намалување на трошоците за роаминг и помеѓу балканските земји и земјите од Европската Унија.
– Меморандумите за 5G, интероперабилност и доверливите услуги, потпишани минатата година во Тирана, ја отворија вратата за изградба на заеднички технички јазик. Ова ќе им овозможи на ИКТ системите ефикасно да комуницираат во регионот, и во иднина исто така со земјите од Европската Унија. Тоа е мал, но важен чекор на патот кон градење дигитално општество засновано на доверба, рече Шаќири.