Повлекувањето на американските трупи од Авганистан ќе заврши на 31 август, изјави американскиот претседател Џо Бајден. Тој рече дека САД ги постигнале своите цели во Авганистан во справувањето со терористичката закана.

Американскиот претседател изрази уверување дека авганистанската влада е во состојба да остане на власт и од авганистанскиот народ зависи како ќе ја водат својата земја, и покрај новата загриженост за можноста за граѓанска војна.

– Не отидовме во Авганистан за да изградиме држава, изјави Бајден.

– Исклучително право и одговорност на авганистанскиот народ е да одлучува за својата иднина и како сака да управува со својата земја.

Бајден додаде дека САД планираат да иселат илјадници авганистански преведувачи од земјата, чекајќи го крајот на американската воена мисија во земјата на 31 август.

Во меѓувреме, талибански борци ја презедоа контролата врз клучниот округ во западен Авганистан, кој вклучува голем граничен премин со Иран.