Калифорниската полиција откри огромна нелегална плантажа со марихуана во близина на Лос Анџелес, која при улична продажба би донела милијарда долари. Досега е уапсено 131 лице, јави Ен-Би-Си.
Од канцеларијата на шерифот соопштија дека операцијата, при што се запленети 16 тони марихуана, трае веќе десет дена и продолжува со ангажман на стотици полицајци.
Тоа е толку голема плантажа, што полицијата досега уништи само 205 од околу 500 пластеници и собра само околу 40 проценти од вкупната количина марихуана што се одгледува таму, а заплените и уништувањето продолжуваат.
Полицијата само соопшти дека насадот е „поврзан со банди за трговија со дрога“.
Гласачите во американската држава Калифорнија легализираа марихуана за „рекреативни потреби“ во 2016 година, а легалната продажба започна во 2018 година.
Сепак, откриената плантажа што ја чувале вооружени лица на банди е нелегална, скриена длабоко во ридовите на пустинска област и се наводнувала со украдена вода од мрежата на противпожарни хидранти и диви бунари. Според властите биле користени и забранети, отровни хемикалии за насадите.