Двојни судски аршини во Македонија, едно за владините функционери и блиските до власта, друго за сите останати. Ова може да се заклучи доколку се направи паралела меѓу случаите на Драги Рашковски, кој важи за близок до Заев и бизнисменот Јордан Камчев, вели ТВ АЛФА во својот прилог. Поранешниот владин ген сек беше пуштен од Шутка со гаранција од половина милион евра, иако паричната гаранција не важи доколку притворот е определен поради сомнеж за влијание на сведоци. Тоа е запишано во членот 173 став 7 од Законот за кривична постапка. Според тој член основ за Рашковски да ја напушти Шутка е прибавување на сите докази или признание на вина, а во овој случај ниту една од двете работи не е исполнета.
-Кога притворот е определен според членот 165 став (1) точка 2 од овој закон, а обвинетиот дал изјава за признавање на вината или откако ќе бидат прибавени сите докази поради кои притворот по овој основ бил определен, а најдоцна до завршување на главната расправа, се вели во член 173 став 7 од ЗКП.
За разлика од Рашковски, иако според закон може да биде пуштен од Шутка, со Камчев тоа не беше случај. Притоа боде очи и тоа што позитивната оценка од Вишото јавно обвинителство не беше доволна за Апелација да го пушти бизнисменот во куќен притвор.
-Пред само неколку денови, Камчев пет дена беше хоспитализиран на Клиниката за кардиологија во Скопје. Камчев има фамилијарен историјат на кардиоваскуларни заболувања, самиот тој за истата здравствена проблематика практикува терапија од својата 15 годишна возраст. По неговото последно влошување на состојбата додека ја издржува мерката притвор и неговата хоспитализација на Клиниката за кардиологија, со оглед на ситуацијата, постои голема загриженост за сериозен ризик по неговото здравје, велат од одбраната на Камчев.
Инаку, Рашковски е осомничен за набавка на софтвер за МВР, кој е негова иновација. Сепак премиерот Заев во една прилика изјави дека не и верувал на обвинителката Вилма Русковска, велејќи дека немало ништо сомнително во набавката на софтверот.
-Да се расчисти работата од позитивен аспект затоа што е нешто кое што се спроведувало за време на техничката влада и видов докази и информации за меѓусебна комуникација меѓу Генерален секретаријат и МВР. Секако дека исклучувам секаков сомнеж за набавка, тоа е правено колку што се сеќавам со ФИНКИ, со тендерска процедура, велеше Заев.
Камчев веќе четири месеци е во Шутка, за судот не е доволна неговата влошена здравствена состојба и гаранцијата од речиси пет милиони евра, за тој да замине во куќен притвор. За разлика од него Рашковски беше пуштен од Шутка со гаранција од 500.000, иако на негово име тој нема ништо, ако се знае дека неколку месеци пред појавувањето на овој скандал, целиот свој имот тој го префрли на своите деца, истакнува АЛФА.