Јас сметам дека граѓаните се корумпирани и никој не пишува за тоа, изјави денеска претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев.
Тој, како што пренесе порталот СДК, ги обвини медиумите дека имаат и тие вина за перцепцијата кај граѓаните дека судството е корумпирано, со тоа што постојано пишуваат дека судиите се корумпирани.
– Јас сметам дека граѓаните се корумпирани и никој не пишува за тоа. Лично ми приоѓаат да сум им завршел предмет, отворено пројавуваат намера да дадат и бакшиш или мито, не само кај мене, туку и кај други колеги. Јас им велам:’Ај ве молам!’ Сметам дека за тоа се виновни и медиумите, пишувајќи постојано дека судиите се корумпирани. Тие практично ги хранат граѓаните со такви информации и ги учат дека на тој начин треба да ја добијат правдата пред судот, рече Џолев на денешната дебата организирана од Антикорупциската комисија, за корупцијата во судството.
На дебатата и судијата Владимир Туфегџиќ од Основниот кривичен суд кажа дека тежок проблем за судот и особено за судството е што најголемите корупциски предмети кои беа пред пресуда, до еден се вратија на почеток поради пензионирање на поротник. Предложи да се донесат законски измени на тие поротници да им се продолжи мандатот до завршување на судскиот процес.
Џолев, пак, побара судството да се пофали.
-Зошто не се фалиме за тоа колку предмети сме завршиле? Во пандемијата во Грција се беше затворено, немаше судења. Овде не само што имаше, туку Основниот кривичен суд натфрли во бројот на решени предмети во споредба со минатата година. Каде се медиумите да пофалат?, запраша претседателот на Кривичниот суд.