Иран постигна договор за размена на затвореници со САД, изјави портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саед Хатибзаде, еден ден откако Вашингтон негираше дека договор е постигнат.
„Нечуено, САД го негираат едноставниот факт дека е постигнат договор за прашањето на затворениците“, напиша Хатибзаде на Твитер.
„Хуманитарната размена е договорена со САД и Велика Британија во Виена, одделно од JCPOA (Заеднички сеопфатен план за акција) и станува збор за ослободување на 10 затвореници од сите страни. Иран е подготвен да го исполни денеска”, додава Хатибзаде.
САД вчера го обвинија Техеран дека е виновен за ќорсокакот во нуклеарните преговори и негираа дека е постигнат договор за размена на затвореници.
Иранскиот главен преговарач за нуклеарни прашања, Абас Араки, вчера на Твитер напиша дека САД и Велика Британија мора да престанат да ја поврзуваат хуманитарната размена со преговорите за нуклеарните прашања.