Креаторите на скандалозниот софтвер „Пегаз“ НСО Груп соопштија дека ја извезувале програмата според извозните правила на Бугарија, Израел и Кипар.
„НСО Груп сериозно ги сфаќа етичките размислувања, регулирана е од режимите за контрола на извозот на Израел, Кипар и Бугарија и се продава само на проверени владини клиенти“, се вели во соопштението на компанијата, пренесува Бгнес, повикувајќи се на британскиот весник Гардијан.
Кипарскиот огранок на компанијата беше затворен во август минатата година. НСО Груп го објасни ова со преструктуирање на бизнисот. Поранешни нејзини вработени од Кипар велат дека таа има уште една база којашто се наоѓа во Бугарија.
Во мај 2019 година, невладината организација „Пристап сега“ (Access Now) ги предупреди властите во Бугарија и Кипар, повикувајќи ги да обрнат внимание на извозот на компанијата поради злоупотреба на технологијата на НСО Груп.
Глобалниот скандал избувна по откритието дека илјадници новинари и политичари ширум светот биле шпионирани од владите на различни земји користејќи ги нивните Ајфони или Андроид телефони. Истрагата на Гардијан, Вашингтон пост, Ле Монд и 16 други медиуми откри дека шпионскиот софтвер „Пегаз“ на НСО Груп може да ја вклучи камерата или микрофонот на телефонот и да украде податоци од него без знаење на сопственикот.
„Пегаз“ може да се инсталира од далечина без да треба да се наведува корисникот да го преземе, а откако ќе се вклучи, телефонот ефикасно се шпионира. Може да обезбеди пристап до апликации како што се WhatsApp, Telegram и Signal и пораки, е-пошта, текстуални пораки, GPS податоци и списокот со контакти на телефонот. Пегаз им овозможува на оние што ја следат целта не само да го следат објектот и да откриваат со кого разговара и за што, туку и да имаат пристап до компромитирачки слики и информации со кои можат да уценуваат или малтретираат.
Корисници на софтверот биле репресивни режими, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Азербејџан.
Владите мора да воведат глобален мораториум на трговијата со меѓународен шпионски софтвер или да се соочат со свет во кој ниту еден мобилен телефон не е безбеден од државно спонзорирани хакери, изјави Едвард Сноуден за „Гардијан“ по откритијата за клиентите на НСО Груп.