Државните Центри за контрола и лекување болести синоќа соопштија дека во САД биле ставени 337.7 милиони дози вакцини против Ковид-19. Во меѓувреме, во САД се создаде отпор против вакцинацијата, поттикнат од дезинформациите по социјалните мрежи и повиците во конзервативните медиуми.

Заклучно недела, 18 јули, повеќе од 186 милиони Американци примиле една доза, а 161,2 милиони добиле две дози од вакцината. Статистиката вклучува како вакцини од компаниите Moderna и Pfizer-BioNTech, кои се даваат во две дози, така и од Johnson & Johnson која се дава во една доза.

Инаку, претседателот Џо Бајден, незадоволен од намалената стапка на вакцинација и неуспехот да го исполни ветувањето 70 отсто од Американците до празникот Ден на независноста на 4 јули да примат барем една доза, викендов ги обвини социјалните мрежи за „ширење невистини“ за вакцините и кажа дека поради тоа тие „убиваат луѓе“.

Републиканските окрузи и држави, малцинствата од посиромашните региони и младите Американци се најзаслужни за повторното ширење на вирусот во САД, каде во некои држави како Флорида, бројот на новите инфекции достига и до 40.000 неделно а смртноста од Ковид-19 постепено се покачува. Американските медиуми известуваат дека новата „делта“ варијанта се шири само кај невакцинираната популација, додека со оваа мутација се заразиле многу мал процент вакцинирани со недостаток на имунитет.

Од друга страна, по социјалните мрежи како Фејсбук се шират теории на заговор дека вакцините предизвикувале неплодност, дека децата заболувале ако носеле маски, додека перјаницата на Фокс њуз, водителот Такер Карлсон, кој на моменти ја поддржуваше вакцинацијата, викендов коментираше дека таа „можеби не работи, и тие едноставно не ја кажуваат вистината“.

Набљудувачите посочуваат дека во однос на вакцината, за жал, се кристализира поделеност на сини и црвени (демократи и републиканци), слично на поделеноста за тоа дели претседателските избори лани биле лажирани или не.

Според најнова анкета на Вашингтон пост и Еј-Би-Си, 29 отсто од Американците рекле дека најверојатно нема да се вакцинираат, вклучувајќи 20 отсто кои рекле дека сигурно нема да се вакцинираат.

На несигурноста околу победата над пандемијата, при крајот на минатата недела реагираа и главните њујоршки берзи, кои паднаа до минимално ниво годинава, а распродажбата на акциите продолжува и денеска.