САД привремено во воената база во Вирџинија ќе сместат неколку стотици авганистански работници кои работеле за американската војска и нивните семејства, стравувајќи од одмазда од талибанците по повлекувањето на странските сили, соопшти Стејт департментот.
Околу 700 преведувачи и други Авганистанци кои и помагаа на американската војска и нивните семејства, вкупно околу 2.500 луѓе, ќе бидат стационирани во Форт Ли, копнена воена база лоцирана на околу 200 милји јужно од Вашингтон, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на САД, Нед Прајс.

– Овие се храбри Авганистанци, рече Прајс, нагласувајќи дека тие биле подложени на интензивни безбедносни проверки и дека работат на добивање имигрантски визи.

Портпаролот на Пентагон Џон Кирби појасни дека „оние Авганистанци, кои нема да пристигнуваат во САД во исто време, треба да останат во Форт Ли неколку дена.

– Овие луѓе и нивните семејства се во завршна фаза на стекнување статус на имигрант, така што нема потреба да остануваат во воена база долго, рече Кирби.

Тој додаде дека другите треба да бидат примени во американските бази во странство.

Околу 20.000 Авганистанци кои работеле за американската војска, пред се како преведувачи, досега побараа евакуација во САД со своите семејства.

Вкупно, се проценува дека околу 100.000 може да бидат евакуирани.

Предвидено е летовите за евакуација да започнат во последната недела од јули, додека американските сили треба да го завршат повлекувањето од Авганистан на 31 август.