Во Бугарија има повеќе Македонци отколку Бугари во Македонија и тие треба да влезат во бугарскиот Устав, вели Стојко Стојков од партијата на Македонците во Бугарија, ОМО Илинден Пирин за порталот Фактор.
Стојков смета дека тоа треба да го побара македонската Влада, но и здруженијата на Македонците во Бугарија. Како што наведува, во Бугарија има повеќе Македонци отколку Бугари во Македонија.
– Апсолутно треба. Мислам и дека го кажав тоа во некое интервју последните два месеци. Штом преговорите се водат меѓу двете земји, би требало Македонија да го побара. Ние овде ниту сме регистрирани ниту признаени, вели Стојков.
Во Бугарија се почесто се зборува дека „Бугарите треба да бидат внесени во македонскиот Устав“.
Тоа се споменува како еден од факторите за надминување на проблемите меѓу двете земји, кој ќе придонесе да се тргне бугарската блокада на европскиот пат.