Никола ГРУЕВСКИ

Со тапани и свирчиња не се прави ни тероризам ни нарушување на уставниот поредок

Денешната одлука на судот за предметот наречен “Организатори на 27.” е резултат на општата атмосфера во судството (и во државата). Атмосфера во која судство ги живее најтешките години на страв од казна од извршната власт, разрешување, па дури и прогон на судиите доколку не пресудат согласно политички создадената атмосфера од власта. Дури и ако власта не вршела директен притисок на судот, кој верувам дека го вршела, доволно е само веќе поставената политичка атмосфера и клима во земјата за сите политички судења, а особено за ова.

Поинаку не може да се разбере одлуката на судот да ги прогласи виновни обвинитетите за т.н. случај “Организатори на 27”. Па обвинетите веќе беа осудени и во самиот наслов на предметот: “Организатори на 27.”. Насловот не остава простор за поинаква пресуда, бидејќи тој однапред кажува дека обвинетите се виновни, дека се организатори, а судот се очекува само да го потврди тоа.

Замислете судот за овој предмет да донесеше ослободителна пресуда, каква што гледано според доказите и правдата требаше да се донесе. Да кажеше: “Не можеме некој да прогласиме виновен на база на претпоставки, во отсуство на докази”.

Тоа ќе значеше дека на 27 април немало организиран, од некого од тогашната власт, влез во парламентот и немало нарачани физички пресметки, како што и всушност беше. Ќе значеше дека имало спонтана реакција на поголем број граѓани предизвикана од чекорите на тогашната опозиција а денес власт а поврзано со незаконскиот избор на претседател на Собранието. Тоа ќе ја срушеше главната политичка теза на извршната власт за овој настан кој непрекидно ја повторува цели четири години.

Што ли ќе ги снајдеше судиите потоа во атмосфера кога секоја недела без посебен повод се разрешуваат судии, претседатели на судови и уште на дел од нив им се отвораат судски постапки по разрешувањето, па се доведува во прашање и нивната слобода. И кога истовремено политички подобните судии се унапредуваат во повисоки судови и како дополнителна награда им се вработуваат на значајни места членови на нивните семејства. И атмосфера на постојани закани кон судиите дека се следени од некаква комисија која директно или индиректно ја составува власта, дека се под надзор нивните предмети и одлуки и дека комисијата може да тропне на вратата на сите судии во секој момент. Ова не значи дека ги бранам сите судии и дека некои можеби не се оправдано разрешени, но факт е дека сме сведоци на невидена досега хајка во судството од страна на извршната власт, паралелно со хајката против стотици припадници на спротивната политичка опција на власта, за кои одлуки треба да носат оние кои веќе се под напад. Ова не ги ослободува судиите од одговорност за носење незаконски, неправедни и без докази пресуди, но ја опишува актуелната атмосфера во која постапуваат.

Не, во ваква атмосфера власта веќе не мора да се јавува и да дава инструкции на судиите. Може слободно јавно да говори и спротивно на одлуката на судот. Судиите гледаат што им се случува и реагираат согласно тоа. Не случајно и врховните судови на Шведска и Грција, одбивајќи да прифатат екстрадиции наведуваат дека во Македонија нема услови за фер судење. Не е тоа случајно.

Власта ја има завршено работата со илјадниците изјави на највисоките политичари и носители на извршната власт со кои пораката е веќе пратена, обвинетите однапред се преставени за виновни уште пред судењето да почне, пропратено со силна подршката на медиумите под нивна контрола кои се најголем дел од сите медиуми и зациментирано со прогонот на судиите во овие четири години. Не на сите. На неподобните за власта и “непослушни” судии.

Од она што можеше да се разбере, судот наведувајќи докази дека обвинетите ги подржувале мирните протести преку охрабрување на партиски припадници да излезат на мирните протести кои траеа цели 60 дена, барање свирчиња или тапани, ги прогласи за виновни за сосема нешто друго: организација на насилен влез во парламент и тепање пратеници.

Претпоставките се преставија како докази. Наводните докази за поддршка на мирни протести се преставија како докази за организирање упад и физички пресметки во парламентот. Тоа е неправедно и оваа пресуда еден ден ќе падне бидејќи е нереална и под општ или конкретен политички притисок изнудена.

Со тапани и свирчиња не се прави ни државен удар ни тероризам, ни загрозување на уставниот поредок. Ниту со какво сакате толкување на Деловник за работа на парламентот или препратени пораки од еден на друг политичар, за тоа кој што чул од некого, без никаква сигурност дали е тоа точно. Такви пораки тогаш а сигурно и денес (и во иднина), си препраќаат не само политичарите од една партија, туку и сите други луѓе секаде во светот, во склоп на нивното работење и професионален фокус.

Тргнувајки уште од првата реченица обвинението е не само фалично, туку и лажно.

Таму се тврди дека јас сум ги организирал и телефонски сум издал инструкции на обвинетите да организираат насилен влез во парламентот и тепање на пратеници. Во ред, но каде се доказите за тоа?

Да речеме дека не е важно што јас велам, дали го негирам тоа или не. Да речеме дека мене не треба да ми се верува, ниту на обвинетите.

Затоа прашувам: Каде се доказите за тоа?

Тоа што член на моето обезбедување имал телефонски разговор со неговиот брат додека јас сум давал интервју за медиуми во Австрија? Добро. Каде е доказот дека во тој разговор се пренела моја инструкција или дека јас сум издал наредба по телефон?

Ве молам, не претпоставка. Во судството барем се суди со докази, а не со претпоставки.

Бидејќи доказ не постои, и не може да постои бидејќи тоа е невистина, судот прифати претпоставка. Ако грешам, нека ме исправат и нека го покажат доказот а не претпоставката дека во тој момент сум издал некаква наредба директно или преку член на моето обезбедување.

Во која нормална земја во светот судот суди на база на претпоставка?

За гнилоста на системот говори уште еден ситен, но не безначаен детал. Од почеток кога се читаше обвинението во судницата, па до читањето на пресудата се протнува една реченица со еден збор кој никогаш не сум кажал никаде и никогаш, а тоа е дека граѓаните не требало да седат дома во “папучи”.

И никој ниту проверува дали сум го кажал тоа, ниту презентира доказ дека сум го кажал. Само превземаат еден од друг и истот станува и дел од пресудата со која се одредуваат затворски казни. Дали треба да верувам дека сите во ланецот направиле превид и некој им подметнал без да проверат и тоа во ситуација кога веќе го објавив тоа?

Она што го имам изјавено и тоа е недели пред настанот на 27 април, е дека само народот може да си ја спаси државата, но во контекст на тогашното наше барање за нови предвремени парламентарни избори, веднаш одкако победничките партии на изборите во 2016 година не постигнаа договор, а поразената СДСМ излезе со нови позиции поврзани со тиранската платформа кои не ги објави пред изборите и за дел од чекорите гласачите не беа свесни кога гласаа за нив.

Но, поентата е друга: не се важни фактите, туку целта ги оправдува лажните обвинувања. Целта ги оправдува средствата.
Се презентираа телефонски пораки дека наводно обвинетите охрабрувале членови на партијата да излезат на протести и дека наводно сакале да се најдат повеќе свирчиња и тапани: “Ми требаат сите тапани на свет”, беше прочитано денес од судот како поткрепа на “вината” на обвинетите.

Во ред, но дури и да било така, дури и да поддржувале мирни протести на чии учесници сакале да им ги донесат “сите тапани на свет”, се прашувам дали е тоа противуставно и противзаконски?

Дали во Македонија е кршење на закон ако се подржуваат мирни протести цели 60 дена?

Дали има пораки или било какви докази од типот: “влезете во парламентот и скршеше ги вратите”, “претепајте ги пратениците на СДСМ” или “убијте” некого.

Нема ни такви, ни слични.

Напротив колку што разбрав има пораки од некој од обвинетите до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од типот “одете горе во прес салата”, по што дел од нив одат и ги смируваат тензиите.

Затоа велам дека судот под притисок на власта очигледно мораше како и речиси во сите досегашни политички предмети во минатите четири години да осуди некого со претпоставки.

Денешната пресуда е една од многуте политички мотивирани пресуди, изнудени со еден или друг вид политички притисок над судството од извршната власт но и поединци од парламентарната власт, припадници на власта.

Ништо не е поразлично од комунизмот, кога безмилосно тогашната власт со лажни сведоци, со претпоставки за кои јавноста се убедуваше дека се докази се елиминираа сите кои не беа подобни за комунистичкиот режим. Не само заради нив, туку и за да видат другите и да живеат во страв.

Комунизмот падна. Ќе дојде време и ќе паднат и оние нивни наследници кои користат исти или слични методи. Комунистите кои правеле злодела, од новите демократски власти за своите злодела не понесоа кривична одговорност. Можеби затоа нивните наследници се охрабрени да владеат со слични методи.