Три четвртини од луѓето заразени со КОВИД-19 на јавните настани во јули во областа Кејп Код во Масачусетс биле целосно вакцинирани, покажала студија на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), пренесува Ројтерс.
Студијата, објавена вчера, сугерира дека варијантата Делта на вирусот е многу заразна. Епидемијата се случила во Провинстаун на Кејп Код.
Студијата на ЦДЦ открила дека вакцинираните лица имале слично количество вирусно присуство како и невакцинираните, што укажува на тоа дека, за разлика од другите варијанти, вакцинираните лица заразени со Делта варијантата можат да го пренесат вирусот, изјавила директорката на ЦДЦ, Рошел Валенски.
Според неа, ова е „клучно откритие“ што води кон препорака на ЦДЦ да се носат маски во области каде што се зголемуваат случаите како мерка на претпазливост од евентуално пренесување од целосно вакцинирани луѓе.
„Препораката за маски беше ажурирана за да се осигура дека вакцинираните нема несвесно да го пренесат вирусот на другите, вклучувајќи ги и нивните невакцинирани или имунокомпромитирани сакани“, рече Валенски.
ЦДЦ истакнува дека од 469 случаи 74 отсто биле целосно вакцинирани. Во округот Барнстејл од 934 случаи 79 отсто биле вакцинирани, а четворица хоспитализирани.
Вакцинираните лица примиле една од трите достапни вакцини во САД – Pfizer Inc (PFE.N) и BioNTech, Moderna Inc (MRNA.O) или Johnson & Johnson (JNJ.N). Авторите на студијата препорачаа локалните здравствени власти да размислат за воведување задолжително носење маски во затворени јавни простории, без оглед на статусот на вакцинација или бројот на случаи во заедницата.