Проф. д-р Јованка КЕПЕСКА

Илинден од 1903 година, во 1945 година, беше величествено прославен во Крушево. На прославата бев како дете на петгодишна возраст. Мојот татко, Круме Кепески, тогашен професор во гимназијата во Прилеп, со големо воодушевување и почит не одведе со мајка ми, со бројни луѓе, со камион со отворена платформа кој се движеше по прашнестиот, макадамски пат, дента спроти Илинден, од Прилеп за Крушево. Но народот одеше и со запрежни коли и пеш од повеќе места. Ме грееше тивка радост што одам на прослава, чувствувајќи го нескриениот восхит на татко ми за одбележувањето на овој настан.  Тој само едноставно не упатуваше дека во очи на 2-ри август, на полноќ, „востаниците ќе извршат напад“. Инсценираните настани што следеа ми се редат пред очите. Најпрво се слушнаа истрели од пушки и почнаа да бијат камбаните. На некоја одалеченост во градот се видоа огнени пламени. Потоа одеднаш се отворија прозорците на сите куќи а на балконите се спростреја знамињата и килимите во знак на ослободувањето на Крушево. Истовремено на улиците со возбуденост и радост се појавија облечени во шајачни облеки востаниците. Така отпочна во градот прославата на слободата. Другиот ден отидовме пеш, како вообичаено, на Мечкин камен. Бевме и во збежиштата на гордиот и достоинствен народ во кориите над градот. Затемнетото чувство ме проследи поради голготата на војводата Питу Гули, другите војводи, востаниците и воопшто на народот.

Овие слики за начинот на кој народот го одбележуваше овој настан, како еден од најголемите во неговата историја, не само што ми останаа трајно врежани во сеќавањето, туку како некое ехо покасно го создаваа моето национално кредо и мислам не само моето. Основата за тоа ја здобив ненасилено, од расположението на татко ми и од видливо пројавеното чувство на народот што суштествено ги одбележуваа тогашните случувања во Крушево.

Настанот целовито го осознавав многу покасно. А тоа е дека таа година Македонија беше штотуку ослободена. Идеалите што тлееја долго кај Македонците за сопствена држава и чив симбол беше Илинден од 1903 год. дефинитивно беа остварени. Националното ослободување олицетворено според АСНОМ-ските одлуки засновани врз вековното настојување за државно конституирање на македонскиот народ го објаснуваше големиот ентузијазам и пројавувањето на националните чувства препознатливо во целиот народ, и не само кај татко ми, кој, како оформен славјански филолог, и осознаено одеше на прославата на славниот настан. Тој во тоа време ја привршуваше за печат првата Македонска граматика.

Начинот на кој се одвиваа подоцнежните прослави на Илинден 1903, впрочем, како и на Илинден 1944 година, ме упатуваше уште и на други осознавања. Најпрво дека националниот аспект, претпоставувајќи дека во дадените околности веќе е остварен, го заместуваше социјалниот. Националното не се поентираше и за да се смали значењето на континуитетот со македонско политичко организирање со кое националното осознавање отпочнува. Поставени беа многу забелешки и исклучивости поради граѓанскиот амбиент во кој политичкиот процес е дефиниран, како кривулестиот пат, што, впрочем е присутен и во сите национални движења, оставајќи го како нешто што главно и припаѓа само на историјата, без значење за сегашноста. И определувањето на значењето на определени историски личности на таков начин беше изместено и не им беше определено вистинското место во политичките настојувања за остварување на националниот процес пред и по Илинден 1903 година, но и со Илинден на Асномска Македонија. Поради озваничувањето на формата во процесите на подржавување присутни во повоените децении, сувопарноста на говорите ја оневозможуваа спонтаноста на прославите.

Постојат и многу други аспекти што придонесуваа профилот на прославите да добие поинаква суштина поради што народот нивното чествување ќе го доживува помалку или повеќе испразнето и покрај тоа што народот остануваше со потребата за сенародно одбележување. Остануваме со сознанието дека силината со која се доживуваат големите настани од историјата и чествувањето на дејците во неа, сепак самиот народ ги определува очигледно според неговото чувство на непогрешивост и осознание.