Денеска сме пред општината Карпош за да присуствуваме на презентација на предлог ДУП-от за реонот на „Борис Трајковски“. Со овој ДУП се предвидува улица која што ќе ги уништи тениските терени и картинг центарот. Општината Карпош во ек на одмори во август и пред избори закажува јавна презентација и јавен увид мислејќи дека со тоа ќе помине незабележано и дека граѓаните на општина Карпош ќе го испуштат овој момент за да можат да реагираат, дека на мала врата ќе успеат да пробуткаат бетонизација на „Борис Трајковски“. Но ние сме денеска тука за да можеме да го спречиме сето тоа. Загрижени се граѓаните а ние мораме како општествено одговорни јасно и гласно да кажеме дека нашиот став е против овој ДУП.
Сакаме да ни се објасни зошто се менува ДУП-от, ваков ДУП не смее да се донесе за Карпош. Планот да се срушат сите тениски терени, картинг центарот и терасата на базенот за да се добие прометна улица која ќе води до огромни бетонски згради е недопустливо. Со оваа улица ќе се уништат повеќе од 10.000 метри квадратни корисна површина. Регулацискиот план ќе донесе бетонска тврдина наместо веќе постоечките објекти за спорт и рекреација.
Заради олигархијата и нивните бизнис интереси, Петре Шилегов со помош на Стефан Богоев сакаат да го уништат најголемиот спортски храм во Македонија. Преку 500 дечиња ќе останат без можност за спорт и рекреација, а исто така нивните тренери ќе ги изгубат работните места и егзистенција, а ние од Карпош ќе останеме без најубавите спортски спомени. Почитувани, ја повикуваме општината ја го повлече овој ДУП и да размисли за нови паркови и зелени површини околу спортскиот центар „Борис Трајковски“. Даваме шанса уште еднаш, пред да биде готово.
Во октомври на претстојните избори имаме шанса да ги казниме овие бетонски политики, а потоа да бараме одговорност како од Петре Шилегов, така и од Стефан Богоев. Долго живеам во општина Карпош и пред 20 години кога ќе го отворев мојот прозорец ја гледав шумата на Водно зелена, сега кога ќе го отворам мојот прозорец гледам дека половина од Водно е веќе урбанизирано и бетонизирано. Ако продолжиме со ваква бетонизација, се плашам дека за десет до петнаесет години, не ќе можеме да го видиме ниту крстот на Водно.
Затоа стоп за бетонизацијата, предност даваме на еколошките проекти, а градоначалникот треба да се бави со екологија и реализација на многу други потешки проблеми на жителите на општина Карпош. Бетонизацијата е завршена работа и е нешто кое што треба да е минато на секоја општина.