Ковид пандемијата во четвртиот бран силно го погоди Гостивар и околината. Близу сто илјади жители во овој регион го живеат најлошиот период од корона кризата во изминатите две години. Потврда на состојбата се податоците од ковид статистиката.
Минатата недела ниту еднаш немаше новоинфицирани под 100 и регионот е во самиот врв на листата на извештаите. Црниот рекорд беше достигнат во четвртокот кога беа регистрирани 216 позитивни на Ковид – 19, а петмина починати.
Редици пред лабораториите, болницата преполна
Животот во градот и околните населби е подреден на состојбата со пандемијата, која според оценките на медицинските лица е крајно сериозна. Тие потврдуваат и дека се зголемува потребата од хоспитализации во болниците. Редици има пред лабораториите и аптеките. Во разговорите со двајца сопственици на аптеки дознаваме дека изминатиов месец, драстично е зголемена побарувачката на брзи тестови. Нивната цена е околу 500 денари. Гостиварци најчесто ги користат во домашни услови по појавата на симптоми или по контакт со заболен. Зголемена е и продажбата на витамински препарати и на антибиотици. Често баран лек е и ивермектинот.
Општата болница „Ферид Мурад“ покрај инфективното одделение и модуларната болница, за прием на ковид пациенти, ги отвори интерното и нервното одделение. Таму до скоро беа болнички лекувани 103 пациенти. Лекарите укажуваат дека болничките капацитети се исполнети до максимум. Тие постојано упатуваат апели до граѓаните да се заштитат и на поголема лична одговорност.
Како можен излез од ковид кризата, медицинските лица го посочуваа воведувањето карантин. На новинарско прашање околу овој предлог заради тешката состојба со коронавирусот, министерот за здравство Венко Филипче одговори дека засега нема потреба од таква мерка.
– Разговаравме за овие мерки и засега нема да се воведе карантин. Тоа е сепак голема рестрикција. Ставаме акцент на вакцинацијата, вклучувајќи ги и овие градови каде е најголем бројот на пациенти и на нови и на болнички лекувани, а воедно е најмал опфатот со вакцинација. Апелирам до граѓаните да се вакцинираат, вакцини има доволно, рече министерот Филипче.
Меѓуопштинскиот штаб од лани не се состанал, бидејќи како што тогаш беше кажано, состаноците се бесцелни во услови кога ширењето на заразата не може да се контролира. Деновиве и првиот човек на општината преку соопштение повика на поголема одговорност.
– Бројот на заразени со Ковид-19 ги надмина болничките капацитети. Делта сојот на овој вирус е многу пати повеќе заразен, па затоа бројот на пациенти е толку алармантен. Апелирам до сите граѓани да внимаваат максимално, да ги чуваат своите животи и животите на другите. Вакцинацијата е најмоќното оружје со кое можеме да се бориме против овој страшен вирус, покрај потребната дистанца и хигиена, напиша градоначалникот Арбен Таравари.
Печалбарите, над сто „гурбетчии“ од родниот крај замина со коронавирус
Непочитувањето на мерките за заштита дополнително ја влоши состојбата. Епидемиолозите сметаат дека опуштањето и намалувањето на рестрикциите значително влијаат врз брзото ширење на коронавирусот. Со доаѓањето на печалбарите, ова лето се зголеми и бројот на свадби и семејни веселби. Беа организирани и неколку музичко-сценски настани со голема посетеност.
Изминативе две недели видлива станува уште една појава која се додава на целата слика: непочитување на мерките за изолација. Иако имаат решение, некои заминуваат преку граница, а некои пак неодговорно се шетаат „на кафе“ или пак да честитаат, па дури и на свадба.
Како куриозитет е информацијата која се шири низ чаршијата, но никој од превозниците ниту институции не можеше да ја потврди. „Иселеник со позитивен тест и симптоми патувал во автобус за Швајцарија. Целодневното возење со инфициран, придонело за неколку дена триесетина патници да развијат симптоми и останат со изолација“.
Па така, освен со спомените, над сто „гурбетчии“ од родниот крај замина со корона вирус. Во контролите кои полицијата ги спроведува за проверка на лица кои се во карантин утврдено е дека некои наши сограѓани не ги почитувале решенијата за решенијата за изолација. За ваквиот прекршок, кривичниот закон освен парична, предвидува и затворски казни.
Полицијата во август открила 101 случај за непочитување карантин
Од СВР Тетово информираа дека изминатите дваесет дена од овој месец биле регистрирани 101 случај на „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Станува збор за кривично дело кое се санкционира по член 206 од Кривичниот законик.
– Во најголемиот број од случаите се работи за лица на различна возраст кои ја напуштиле нашата земја, иако имале решенија за изолација и домашно лекување, издадени од Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Значително помалубројни меѓу нив се лицата кои при контролите, биле излезени надвор, односно не се наоѓале во нивните домови, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Јосифоски посочува дека повеќе од половината од лицата кои не ги почитувале решенијата за изолација се од пошироките гостиварски простори. Сите ќе се соочат со соодветни поднесоци.
Неодговорниот однос на поединци ги мобилизира институциите од каде доаѓаат апели до граѓаните од поширокиот полошки регион за целосно да ги почитуваат решенијата за изолација издадени од ДСЗИ. Со непочитувањето, ги доведуваат во прашање, не само сопственото, туку и здравјето на другите граѓани.
Од полицијата се децидни: нема толеранција, ќе се санкционира секој случај каде што ќе бидат констатирани прекршувања на заштитните мерки и протоколи.
– Доколку граѓаните позитивни на „ковид-19“ самоволно, на своја рака ги напуштат домовите и не бидат затекнати во истите при контролите кои секојдневно ги спроведуваат полициските службеници, против нив ќе следуваат поднесоци за „пренесување заразна болест“ или за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Пријавата зависи од конкретен случај, околности и крајните последици. За ваквите кривични дела, предвидени се парични или затворски казни од 1 до 10 години, нагласува портпаролот Јосифоски.
СВР Тетово заедно останатите институции и служби потсетуваат дека ќе продолжат самостојно или во координација со контролни активности во угостителски и други објекти. Тие ќе бидат во насока на тоа: како и колку се почитуваат владините мерки и протоколи за спречување на ширењето на „Ковид-19“.
Зоран Маџоски за МИА